„Ако зденкава не е твоја, не ја јади", „Кој и да е тој кој остава немиени садови во лавабо, не е тука мајка ти да ти ги измие" - овие пасивно агресивни, понекогаш чисто агресивни пораки се вид фолклор, кој постои од кога постојат пенкалото, хартијата и луѓе кои се нервираат едни со други на простори кои ги делат. Особено по канцеларии: „Те молам покривај си ја устата кога кашлаш, затоа што не се вакцинираше и твојата непромисленост може сите скапо да нè чини, како оној пат кога истури нешто лепливо на подот и никогаш не исчисти ко што треба па нозете ми се лепеа за паркетот, ЗНАЕШ ТИ КОЈ СИ!", е само уште еден таков фин, епски пример.
Лесли Кво од Wall Street Journal пишува за оваа очигледно раширена појава на оставање предупредувања, потсетници и други видови анонимни пишувани пораки на фрижидерот, покрај ВЦ шољата или кај лавабото, кои ги обвинуваат соработниците за злосторства против колегијалноста. Постои и посебна страница, Passive Agressive Notes, која со антрополошки интерес ги документира различните нијанси на истото.
Линда Дуре, психотерапевт која била консултирана во врска со природата на овие пораки изјавила дека ваквото пасивно-агресивно однесување станува помасовно кога вработените не се среќни. Луѓето се и онака под стрес, па малите нешта, како тоа што колегата постојано мљацка кога јаде, иако тоа го прави три канцеларии подалеку, знаат да бидат инцијална каписла. Па сепак, пишувањето пораки е можеби подобро отколку отворени судири со физички последици. Ако веќе се одлучите за оваа тактика за да им соопштите нешто на вашите колеги, еве неколку совети.
1. Извитоперете си го ракописот, или најдобро, одберете некој неутрален фонт
2. Поставете ја пораката во темница или кога нема никој.
3. Не се жалете на истите работи онлајн или во живо, затоа што ќе сфатат дека тоа сте вие, напротив - исмевајте го оној кој ја оставил пораката
4. Проучете други примери на вакви пораки и во нив побарајте инспирација (затоа и ви ги даваме)
5. Пораката не ја печатете на лист на кој од задната страна има нешто ваше, па дури и да е тоа список за пазар
6. Не си оставајте пасивно-агресивна порака на самите себеси
7. Не ги правете истите граматички/коректорски грешки кои вообичаено ги правите, и генерално внимавајте на нив затоа што повеќе ќе предизвикаат смеа отколку што некого ќе заплашат
Пребарувајќи низ нашата архива на вакви пораки, забележавме дека статистички преовладуваат оние упатени кон соседите, особено во зградите. Тоа логично наведува на заклучокот дека или по нашите канцеларии главно владее хармонична атмосфера, или работите се кажуваат лице в лице, или пак овој жанр на анонимни колегијални преписки сè уште не е во подем. Еве можност да фатиме приклучок.