Дaниел Левитин е американско-канадски полимат, когнитивен психолог, невронаучник, писател, музичар и продуцент. Претходно го имавме споменато во статија под наслов „Тишината е најдобра музика за работење“, кадешто сугерираше дека при репетитивни задачи музиката помага за работата да не биде толку досадна, а работниците да бидат поконцентрирани.
Во својата најнова книга „Сум слушнал дека постои таен акорд“, чиј наслов е асоцијација на славната „Алелуја“ на Леонард Коен, тој го продолжува своето истражување на начинот на кој музиката активира одредени области од мозокот, но овој пат за преку таа зголемена стимулација да помогне во исцелувањето на оние мозочни центри кои се оштетени од болест или чие лошо функционирање резултира со депресија или други ментални проблеми.
Левитин има значаен успех во користењето на музиката како форма на третман, иако и самиот признава дека се уште има многу нешта поврзани со невроанатомијата што не се познати. До сега се потврдени ефекти на музиката во третирањето на проблеми со движење и Паркинсоновата болест, како и пост-трауматскиот стрес.
Не постои магична плејлиста на која секој реагира. Секој пациент е потребно да си го најде својот жанр или стил кој му одговараат. Сепак, генерално земено, оваа област нуди алтернатива или дополнување на фармаколошките методи.
Секое поглавје во книгата содржи стихови од популарни песни кои дури и прочитани на хартија можат да поттикнат емоционална реакција. Нашите музички мемории, тврди авторот, почнуваат уште пред да се родиме, во матката. Подоцна, одредена песна може да отвори брана спомени за тоа како си се чувствувал на 16, на местата кадешто си патувал и со кого. Ако е така, тогаш ова е значајна основа за тоа како музиката може да се употреби во случаи на губење на меморија, когнитивно опаѓање или деменција.