Книги на 2024: „Посмртниот живот на податоците“

„Што се случува со вашите информации кога ќе умрете и зошто тоа би требало да ве загрижува?“ е поднасловот на оваа книга на Карл Оман, професор по политички науки на Универзитетот во Упсала, Шведска, чиј интерес е етиката поврзана со нашето „дигитално тело“, откако истото ќе се претвори во труп.

Сите ние, несвесно, учествуваме во создавање на огромна некропола, глобален град на мртви, чии жители многу скоро можат да ги надминат по бројност оние живите. Кој ќе владее со овој свет на Танатос? Кој ќе ја сече живата (sic!) ограда и кој ќе ги одржува објектите за да го зачува бесконечниот живот на неговите жители?

Ова се прашања кои ги поставува Карл Оман во својата книга „Посмртниот живот на нашите податоци“. Тој привлече внимание во медиумите уште пред пет години, кога беше објавена негова студија во која покажа дека во следните 50 (денес 45) години, бројот на Фејсбук профили на мртви луѓе може да го надмине оној на живите. До крајот на овој век, ако Фејсбук продолжи да постои, тој може да хостира повеќе од 5 милијарди профили на починати лица. 

Ова поттикнува длабоки прашања за меморијализацијата, сопственоста и зачувувањето на податоците на оние кои веќе немаат директна контрола врз нив. Монетизацијата и трговијата со нашите податоци кои се случуваат додека сме живи и активни на социјалните мрежи не значи дека прекинуваат кога умираме. Од друга страна, и мртвите имаат права или во најмала рака имаме обврска да го почитуваме она што останува од нив. Ова секако било така во текот на целата човечка историја - да се oскрнави мртво човечко тело, како што Ахил направил со убиеното тело на Хектор врзувајќи го на кочиња и возејќи го околу ѕидовите на Троја, насекаде би било оценето како погрешно. Сега станува збор за нашите податоци, друг вид на наше, дигитално (и кога ќе нè нема), мртво тело. 

Вештачката интелигенција веќе овозможува да „комуницираме“ со починатите. Многу побргу отколку што се претпоставува, оние кои ќе дојдат после нас ќе наследат дигитални остатоци од една цела генерација на човештвото - првите дигитални граѓани. Кој и да добие контрола над овие активности всушност ќе го контролира идниот пристап до нашето колективно дигитално минато, а оваа моќ ќе има огромни политички последици. Судбината на нашите дигитални остатоци оттаму треба да нè загрижуваат сите, и подразбираат колективно ремоделирање на нашите економски и технички системи, за тие да вклучат одговорност не само за монетарната туку и за сите други аспекти на дигиталните посмртни останки. 

6 декември 2024 - 15:33