2024-та се очекува да биде плодна година за адаптации на книги во филмови и серии. До сега обелоденетиот список содржи такви кои и до сега требаше да ја имаат својата премиера (но се одолговлечкаа веројатно поради холивудскиот штрајк), а вклучуваат различни жанрови, од мистерија и фантазија, до биографски стории.
Еве некои од нив:
„Излажи ме еднаш“ (Fool Me Once) од Харлан Кобен
Со адаптација на роман на популарниот автор на мистерии Нетфликс продолжува со ваквата пракса. На сајтот постои категорија „Збирка на Харлан Кобен“, со дури седум филмови направени според негови дела. Осмото ќе биде мини-серија, за Маја, поранешен војник, која открива мрачни тајни поврзани со наводната смрт и повторното појавување на нејзиниот сопруг. Taа ќе биде лоцирана во Британија и ќе се врти околу две убиства и нивната поврзаност.
„Туѓинци“ (Expats) од Џанис Ли
Ова е роман на Ли од 2016, а истата авторка го има напишано делото „Учителка по пијано“. Серијата ќе оди на Амазон Прајм, со Никол Кидман во главната улога, како една од три Американки кои живеат во Хoнг Конг по ненадејна семејна трагедија.
„Франкештајн“ од Мери Шели
Класичната приказна на Мери Шели е адаптирана во „Лиза Франкештајн“, како комедија-хорор. Кетрин Њутн е ќерка на Франкештајн која сака да го оживее својот љубовник. Комичното се состои во тоа што таа мора да ги пронајде сите делови oд неговото тело, доколку сака проектот да биде успешен.
„Вселенскиот човек од Бохемија“ (Spaceman of Bohemia) од Јарослав Калфар
Научно-фантастичен роман кој следи научник од Чешка кој станува првиот астронаут во оваа земја. Тој оди на мисија на Венера, каде открива огромен интелигентен пајак, со кого комуницира за важни прашања. Адам Сендлер ќе биде гласот на пајакот, Пол Дано астронаутот, а Кери Мулиган неговата сопруга која останува на земјата. „Спејсмен“ доаѓа на Нетфликс во март 2024.
„Дина“ (Dune) од Франк Херберт
Вториот дел од сагата ќе продолжи навлегувајќи подлабоко во обидот на владетелите на Харконен повторно да ја преземат контролата со трговијата со скапоцениот зачин. Денис Виленев сигурно ќе понуди епска приказна, се надеваме дури и подобра од првиот дел.
„Проблемот на трите тела“ (The Three-Body Problem) oд Лју Цисин
Повторно Нетфликс, серија која го поврзува минатото со сегашноста. Посетители од вселената доаѓаат на Земјата, додека нејзините жители се со поделени ставови околу инвазијата на туѓинците. Екранизацијата ветува дека ќе биде епска научно-фантастичка приказна која ги преминува границите на времето и просторот.
Уште книги кои ќе станат филмови или серии во 2024 тука