пишува: Оливера Ќорвезировска
Идејата за приредување ваква книга не плисна, ниту надојде и гргна ненадејно како порој. Таа долго тлееше, татнеше, се мрешкаше и се разлачуваше од почитта кон претходниците, сè додека не се осамостои, не се избистри и не блесна како јасна намера за чествување и надоврзување на македонската книжевна традиција.
Деветнаесетмина современи македонски раскажувачи од сите генерации наредени хронолошки, според годината на раѓањето (Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети) го славиме раскажувањето на Петре М. Андреевски на личен, автентичен начин, со специјални раскази за оваа пригода, кои имаат различни и комплексни врски со Петре и со неговото книжевно писмо. Сите деветнаесет раскази, повеќе или помалку, повидливо или поневидливо, се поврзани со конкретни зборови, романи, раскази или песни на Андреевски. Чествувајќи го Петре, расказите истовремено го чествуваат и нашиот заеднички, еден и единствен мајчин јазик – македонскиот.
Влада Урошевиќ, првиот застапен автор со кој се „отвора“ книгата, е врсник на Петре М. Андреевски. Хана Корнети, последната застапена авторка со која се „затвора“ книгата, е родена безмалу шеесет години подоцна, што значи раскажувачкото „време“ на оваа книга опфаќа шест децении континуирана читателска, но и творечка почит кон великанот на македонската реч.
Расказите природно и спонтано се групираа во четири раскажувачки блока. Овaа квадратна класификација е само една од можните:
1. Анегдотски и псевдоанегдотски раскази – Петре како лик
(расказите на Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Ѓорѓи Крстевски)
Линијата помеѓу анегдотските и псевдоанегдотските раскази во првиот блок е заматена и нејасна, но вистинитоста никогаш и не била цел на книжевноста. Она што е важно е дека постапката во сите нив е иста: случка, средба со Петре М. Андреевски.
Кај Михаилова Бошнакоска, таа (нараторката), Радован Павловски и Петре М. Андреевски се во грнчарскиот главен град на Кападокија – Аванос. Павловски се одделува од нив и тие остануваат сами во пештерата во Аванос, со многу керамика и коса од којзнае какви древни митови и жени... Овој расказ е особено интересен во корелација со истоимениот расказ на Андреевски од збирката „Сите лице на смртта“. Анегдотското патување на Михаилова Бошнакоска и Андреевски (всушност, расказот на Михаилова Бошнакоска) како да му претходи, да го антиципира и демистифицира чудесниот расказ на Андреевски.
Расказот на Димитрие Дурацовски најверојатно е псевдоанегдотска приказна. Светот, минатото, сеќавањата... буквално сè е наштимано за да се добие совршениот звук на можното: Дурацовски како дете да се сретне со Андреевски и тој да му ја подари својата прва поетска книга „Јазли“ од 1960 година. „Јазли“ е тајниот код на овој раскошен расказ со импресивна „политирана“ техника на раскажување, но и на спојување.
Расказите на Ермис Лафазановски, на Лилјана Пандева и на Ѓорѓи Крстевски раскажуваат средби со Андреевски што се поможни отколку средбата на Дурацовски со него. Лафазановски во свој мајсторски гротескен манир нè носи низ ходниците на НУБ при доделување книжевна награда во чиешто жири се заедно со Андреевски, Пандева се фокусира на еден конкретен хамбургер добиен од Андреевски, а Крстевски ја сведочи „Дениција“ во „Јоле“. Секако дека анегдотите на сите тројца автори се високо литераризирани.
2. Подражавачки раскази, омажи на јазикот, стилот и препознатливата фабуларизација – Петре кака автор
(расказите на Влада Урошевиќ, Блаже Миневски, Венко Андоновски и Живко Грозданоски)
Подражавачките раскази од овој блок (особено три од нив: на Урошевиќ, Андоновски и Грозданоски) како да се пишувани со раката на Петре М. Андреевски, кажано метафорично. За нив може дури да се помисли дека се негови, иако истовремено и суверено ги отсликуваат книжевните писма и ракописи на своите автори. Со исклучително висок степен на подражавање од љубов, на омаж со исклучителна чест, овие раскази ги набрале јазикот, стилот и фабуларизацијата на Андреевски, без ни малку да отстапат од сопствените наративни „букети“ или приказни. Расказот на Миневски, пак, и буквално е напишан со раката на Петре.
„Заутарен“ е чудесна преселба на атмосферата на Андреевски во светот на Урошевиќ; „Сенката на мајстор Ѕвездан“ е сенка на ликовите на Андреевски што зад себе ја фрлаат ликовите на Андоновски (или обратно), а „Дренки“ на Грозданоски како да ја однеле Слоештица во Бигор (Доленци) – или обратно. Влада Урошевиќ во својот расказ ја прибира дури и скокотливата, кобна и прокобна љубов на Андреевски и иако неговото книжевно писмо не ја познава – раскошно ја угостува: како збор, како фраза, како слика, како клетва, како судбина... Венко Андоновски, двојно фабулизирајќи (и како себе и како Андреевски), ги удвојува и сенките и потоа им ги доделува на ликовите: некому една, некому две, некому – ниедна. Редуцираните вербални травестии на Андреевски кај Гроздановски се логореизирани до функционална наративна бука, до нашинска рашомонијада.
Расказот на Блаже Миневски е поинаков, иако неспорно му припаѓа на овој блок. Миневски со крајно внимателно ексцерпирање на цели фрази и реченици на Петре М. Андреевски го напишал можеби првиот расказ-центон во современата македонска книжевност. Не употребувајќи ниту еден свој творечки збор, Миневски успеал само со зборовите на Андреевски (со негова рака буквално!) да напише „свој“ расказ. Центонот како форма не е присутен кај нас. Расказот на Миневски е еднодомен/едноавторски центон. Во книжевната историја вообичаени се центоните со комбинации, „крпеници“ од повеќе автори, од едно или од повеќе нивни дела. Центонот на Миневски е само и исклучиво од конкретни дела на Андреевски (песни, раскази, романи), прецизно наведени во фуснота. Овој расказ е мошне значаен и затоа што ја збогатува современата македонска книжевност со внесување една посебна, ретка форма во неа.
3. Огледални раскази, блиски со некое конкретно дело на Петре, со лик од него, со збор или само со атмосфера
(расказите на Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Бранко Прља, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски и Хана Корнети)
Во овој блок раскази се среќаваат елементи на римејк, специфични наративни металепси, нивните автори наративно се трансформираат во ликови од книгите на Петре или пишуваат свои приказни, варијации на неговите. Понекогаш се користат само имиња на ликовите од романите на Петре, со ексклузија на другите особини (Оливера Ќорвезироска), понекогаш се користи само зборот „пиреј“ (Жарко Кујунџиски) или романот „Пиреј“ како книга-клуч, книга смисла на цело едно постоење (Бранко Прља). Кај Елизабета Баковска постапката е малку поинаква, таа во својот расказ вметнува делови дури од пет уредно наведени раскази на Андреевски, создавајќи сосем своја, сосем различна приказна. Владимир Јанковски (односно нараторот во неговиот расказ), всушност е Михо од расказот „Недоразбирање“ на Андреевски. Поетот Михо Атанасовски. Нараторот истовремено е лик од туѓ расказ и прекршена анегдотска приказна. Иако Јанковски со „авторски упад“ на крајот од расказот (вид наративна металепса) вели: „Сакам кога приказната има еден господар. Ако сакаш да раскажеш приказна, не чепкај ја приказната на другиот, не рошкај низ нејзините џебови, немој да ја кратиш или издолжуваш, туку раскажи си ја својата“, во расказот го прави токму спротивното: ја чешка приказната на другиот, рошка низ нејзините џебови, ја издолжува... но тоа го прави мошне добро, притоа успевајќи да ни раскаже (и) своја приказна.
Калина Малеска прави творечка комбинација, необичен римејк-микс на расказите „Аванос“, „Природна појава“ и „Крт“ на Андреевски. Дополнително, таа во својот расказ („Вообичаени појави“) можеби е некоја современа двојничка на Ѓувезија Дубровска од „Аванос“ на Петре која на интересен начин, во прво лице, ни ја раскажува Петревата, но и својата приказна за „истото“, за „врзувањето“ на косата и на животот во грнчарниците во Кападокија, удвојувајќи го наративниот ефект и со удвојување на нараторката (се гледа самата себеси пред себе). Расказот на Малеска, иако припаѓа во овој блок, создава еден исклучително занимлив триаголник со анегдотскиот расказ на Гордана Михаилова Бошнакоска од првиот блок и со расказот „Аванос“ на Петре М. Андреевски. (Овие чудесни меѓусебни подудирања и римувања на расказите во „Книга за Петре“ се случиле без авторите воопшто да бидат свесни за тоа, бидејќи секој од нив до моментот на излегувањето на книгата, го знае само сопствениот расказ и нема прочитано ниту еден од другите.)
Во расказот на Хана Корнети, некогашната страсна читателка-дете на сликовницата „Касни-порасни“ од Петре е возрасна жена, јас-раскажувачка. Ваквиот двојно прекршен омаж во кој длабоко се понира во ликот од илустрацијата на сликовницата е мошне автентичен. Раскажувачкиот свет на Корнети е раскажувачки свет на девојчето од корицата на сликовницата од нејзината прва објава во 1993 година, всушност од илустрацијата на Јелка Рајхман.
4. Навидум независни раскази за „случајното, другото“, без лесно видлива врска со делото на Петре
(расказите на Оливера Николова, Томислав Османли и Ѓоко Здравески)
На прво читање, расказите од овој блок како да немаат никаква врска со Петре М. Андреевски. Но, секако дека не е така.
Раскажувачки мајстор како Оливера Николова и кога не кажува ништо конкретно, опфаќа цели можни невидливи светови. Во духот на нејзините „животворни раскази“ како што ги нарекува, јас-раскажувачката во парк се „сретнува“ со една ќеса што оживува пред неа и станува жена, залудна, непотребна,.. жена – „обична ќеса издрпана од есенскиот ветер!“, како што пишува авторката. Сево ова прилега на средба на Николова, на пример, со Велика од романот „Пиреј“; на писателка со лик од туѓо, не од свое творештво. Но, оживотворувањето на ќесата може да биде и „сопка“, погрешна трага, лажно гравче фрлено зад раскажувачката намера, впрочем, сево ова е добро познато во комплексните наративни стратегии и практики на Николова.
Кај Томислав Османли, Петар Петров е како лик од расказите на Петре М. Андреевски заталкан во друг книжевен простор и друго книжевно време. Врската на расказот на Османли со Андреевски е токму во ликот што би можел да им биде заеднички, иако не е.
Расказот на Здравески несомнено му припаѓа на овој блок, независен е и самостоен, но има нешто во себе што го приближува и кон корелацискиот блок. Најверојатно поради атмосферата која суптилно и интелигентно алудира на незапирливоста на приказните околу нас, како некогаш, најверојатно, и околу Петре М. Андреевски. Приказната за приказните без крај на Здравески функционира како капсула за многу сегашни, но и секогашни раскази. Духовито ни се предаваат опашките на случките од стварноста кои лесно и брзо се регенерираат во цели прозни „тела“ во фикцијата. Не е ли тоа токму така и во расказите на Андреевски...
„Книга за Петре“ има уште една исклучително топла и лирска валенција остварена со ликовно-графичкото уредување. Корицата и внатрешните илустрации на разделниците (сепараторите) се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, син на Петре М. Андреевски. На овој начин, едицијата Mакедонски книжевни класици се збогатува со уште еден наслов, овојпат не од туку за Петре на истата лично-емотивна фреквенција. Претходните девет книги од едицијата беа со ликовни лица на Воскресија Андреевска, внука на Петре. Десеттата („Книга за Петре“) е со ликовно лице на неговиот син Сергеј.
Големата книжевна приказна на Петре М. Андреевски, иако и однатре и однадвор е врзана со зборови и со цртежи, се чини дека никогаш не била послободна отколку во „Книга за Петре“.