Kласичарот кој го „убил“ Хомер истражувајќи низ Југославија

Приказната за делото и трагичниот крај на животот на Милман Пери може да биде еп самиот по себе. Тој е значаен не само за класичните студии и проучувањето на Хомер, туку и како етнограф кој ги регистрирал епските песни на гусларите од некогашна Југославија.

Биографските податоци за Хомер се ретки и не сосема прецизни. Според традицијата, поетот бил слеп и бил роден на островот Хиос, каде формирал група „рапсоди“ - рецитатори на епска поезија, подоцна познати како Хoмериди, „деца на Хомер“. Сепак за овие тврдења нема никакви докази, а некои од древните биографии на Хомер се очигледно „китени“.

Херодот, на пример, пишува дека Хомер живеел „четиристотини години пред моето време“, што значи во деветиот век пред нашата ера, но додава дека тоа е само „негово мислење“. Други древни извори го сместуваат во датуми кои варираат од 110-тата до 800-тата година п.н.е. лоцирајќи го Хомера во нешто што историчарите сега го нарекуваат грчко „мрачно доба“, кога кралствата за коишто читаме во Илијадата веќе се распаднати а се уште не се појавени градовите-држави како Атина и Спарта. Ова е многу пред развојот на писмената, урбана цивилизација која ја нарекуваме „древна Грција“. Не постојат пишувани документи од овој период, што значи дека Грците од Хомеровото време биле неписмени. На крајот, излегува дека единствениот доказ за постоењето на човек по име Хомер е постоењето на самите „Илијада“ и „Одисеја“ - едноставно некој морал да ги напише односно запише, а тој некој колку што знаеме се викал Хомер.

Во 19 век класичарите почнале да ги анализираат овие дела на сличен начин како што се анализираат историските корени на Библијата. Се поставило тн. Хомеровско прашање: дали Илијадата и Одисејата се навистина напишани од една личност или станува збор за композит од пократки песни напишани или запишани од усната традиција од различни луѓе. Таканаречените „унитаријанци“ оделе на првата теорија, а „аналитичарите“ работеле на одделување на еповите, врз основа на детално проучување на употребениот јазик и на наративот.

Помеѓу оние кои се замешале во дебатата бил и Вилијам Гладстоун, четирикратниот премиер на Британија, кој ги објавил своите „Студии за Хомер и хомеровото доба“ во 1858, во текот на краток прекин на функцијата. Гладстоун верувал дека нема дилема во тоа дека песните се напишани од брилијантен и единствен ум, „патријарх на поетите“.

Но во 1930 тогаш младиот професор од Харвард, Милман Пери (најдесно на сликата горе), се спротивставил на оваа идеја објавувајќи текстови во кои тврдел дека Хомер не можел да биде „автор“ на еповите бидејќи тие воопшто и немале конкретен автор, туку биле изведувани од генерации анонимни грчки бардови. Секако оваа теорија циркулирала и претходно, но тој бил првиот кој ја докажал.

Кога ги објавил овие статии, Пери имал само триесет години. Бил роден во Калифорнија, татко му бил неуспешен пиљар, а тој ја имал посетено Грција само еднаш, на два месеци. Но како што покажува неговиот биограф Роберт Канигел во нова книга „Слушајќи ја песната на Хомер“, Пери, како додипломец на Беркли, бил опседнат од Хомер, на сличен начин како што божествата во Илијада ги зграпчуваат своите омилени луѓе. Во тоа време на јавното американско школство, дури и некој со негово потекло можел да научи латински во средно и старогрчки на факултет.

Неговата кариера како класичар траела петнаесетина години, од првите предавања по старогрчки до неговата ненадејна смрт во 1935, на возраст од само 33 години. Немал објавено никакви книги и само неколку статии. Неговото најзначајно истражување, кое го извршил во последните години од својот живот, вклучил патувања низ изолирани краишта на Југославија кога ги забележувал пеењата на локалните слепи гуслари и пејачи, кои му давале назнаки како некогаш можеле да бидат изведувани и Хомеровите епови. Негов преведувач бил Никола Вујновиќ, со кого оделе од село до село и се распрашувале за (најчесто) слепите свирачи. Со себе носеле машина за снимање со дискови, претходници на винилите, со траење од по пет минути (тн. парлограм), на кои се забележани неколку верзии на епски поеми за народни херои, меѓу кои и такви со судбина слична на Одисеј.

Еден од нив е Дулиќ Ибрахим, чија вистинска љубов е ветена на друг додека тој е затворен од некаков принц. Кога овој, импресиониран од длабочината на тагата на својот заточеник, го ослободува, Дулиќ по долг пат се враќа дома за повторно да го освои срцето на својата љубена. Притоа мора да победи „триесет капетани и дваесет војводи“, исто како што Одисеј убива 108 потенцијални младоженци кои се обидуваат да ја освојат неговата жена, Пенелопа. Дулиќ е препознаен од неговиот сакан коњ, како што Одисеј е препознаен од своето верно куче, Аргос.

Овие снимки извршиле револуција во разбирањето на усното творештво, но кога Пери починал се уште никој ги немал слушнато - тие биле само куп алуминиусмки дискови, вкупно 3500, кои стоеле во магацин на Харвард.

Значењето на делото на Пери можеби никогаш не би било обелоденето да не бил друг истражувач, Алберт Лорд (лево на сликата горе), кој го придружувал Пери во Југославија како асистент. Лорд го посветил остатокот на својот живот обидувајќи се да го сочува и да го надгради истражувањето на својот професор, пред сè во својата книга за усната поезија „Пејач на приказни“ (1960). Како што пишува Канигел во новата книга, Пери и Лорд биле неразделни, како Вотсон и Крик, научниците кои ја откриле структурата на ДНК.

Биографијата содржи детали за приватниот живот на Пери, онолку колку што може да се дознае денес кога веќе нема живи луѓе кои го познавале. Но врз основа на интервју со неговата сопруга од 1981, Канигел ги дознава околностите на неговата смрт. Во 1935 тој неочекувано зел отсуство од Харвард за да појде со сопругата во Калифорнија кај нејзината мајка. Бракот не им бил добар, а семејството имало и финансиски проблеми. Престојувале во хотел во Лос Ангелес, кога Милман од куферот извадил пиштол и се застрелал во срцето. Претходно тој не покажувал никакви симптоми на депресија, ниту пак жена му имала мотив да го убие. Полицискиот извештај вели дека станувало збор за „несреќен случај“.

извор

10 јуни 2021 - 09:53