Ќе се прави „Енциклопедија на европски мириси“

Како мириса Европа? Не во метафорична и политичка смисла, во која некому нештата може да му смрдат. Истражувачи во прв проект од ваков вид ќе ги истражуваат минатите и сегашните ароми на европскиот континент.

Проектот е под работен наслов Оdeuropa (веројатна звучна асоцијација на Eau de toilette), а негова цел е да бидат регистрирани, реконструирани и сочувани мириси специфични за европскиот континент. Ова ќе го прави интердисциплинарен тим составен од истражувачи од областа на историјата, уметноста, компјутерската лингвистика и хемијата. Тие треба да конзервираат мириси во опсег од вообичаени, на пример мирис на тутун, до за денешните носеви чудни, како миризлива сол која се носела во шишенце и се користела кога некому ќе му се слошело да дојде на себе.

Новоформираната база на податоци ќе прерасне во архива на европските мириси низ вековите, кои ги моделирале европските култури, одделно и заедно со другите сетила, а кои се суштински за реконструирање на навиките и вкусовите на едно време.

Ингер Леманс, раководителот на истражувањето, вели дека тимот ќе се нурне во дигиталните збирки за да ги открие клучните европски ароми и „ќе се потруди да ги врати во нашите носеви“. Можеби тоа ќе бидат богатите ароми на лондонските кафеани од доцниот 17 век, мирисот на запалена цигара, лепешките или искосената трева. Податоците за историските мириси ќе бидат објавени во онлајн Енциклопедија на мирисното наследство, која ќе ги опише сетилните квалитети и значења на вклучените мириси и ќе ги трасира потеклата на клучните мирисни локации и олфакторни практики. Освен тоа, избор на европски мириси ќе бидат сочувани и реконструирани, а во соработка со музеи, уметници и парфимерии ќе се организираат настани и изложби за едуцирање на посетителите. За сето ова ќе бидат потрошени 2.8 милиони евра од програмата на ЕУ, Хоризонт 2020.

извор

23 ноември 2020 - 17:39