Во нова телевизиска серија за британскиот Канал 4, Џон Клис ќе се занимава со темата на тн. „кенсл култура“. Новиот документарец ќе истражува „зошто новата ’разбудена’ генерација се обидува да ги пренапише правилата за она што може и што не може да биде кажано“.
„Џон Клис: Канселирај ме“ ќе се состои од средби на британскиот комичар и актер со соговорници кои тврдат дека биле „лустрирани“ поради своите однесувања или изјави, како и со активисти кои предводеле кампањи против различни јавни личности.
Во соопштение пред официјалната премиера на серијата, Клис изјавил: „Среќен сум што ќе имам можност да ги разберам сите аспекти на таканаречената политичка коректност. Има толку нешта кои не ги разбирам, на пример како прекрасната идеја на ’ајде да бидеме љубезни кон луѓето’ eволуира во апсурдни случаи“.
Еден од мотивите за правење на оваа серија е што Клис и самиот беше на удар на „разбудените“ во контекст на неговите претходни проекти. Така, во јуни 2020 тој луто реагирал на одлука на еден британски ТВ канал да тргне од својот стриминг една епизода од комедијата „Фолти Тауерс“ поради наводни „расни навреди“.
Станува збор за епизодата „Германци“ која содржи сцена во која ликот Мејџор Гоуен користи расистички говор кажувајќи анегдота за крикет тимот на Западните Инди. Таа подоцна е вратена на платформата со предупредување кон гледачите за нејзината „дискриминаторска“ содржина.
Клис и претходно ја искажувал својата загриженост од „воук“ културата, особено кога станува збор за нејзините последици по креативноста. „Ако постојано мислиш кои зборови смееш, а кои не смееш да ги користиш, тоа ти ја кочи креативноста. Главната работа е да се сфати дека зборовите зависат од контекстот“, изјавил тој, потсетувајќи дека она што на времето го правеле Пајтоновци на полето на хуморот, и тоа на државна телевизија, денес едноставно не би било можно.