Канамара мацури вообичаено се нарекува и „Фестивал на оловниот пенис“. Тоа е годишна традиција во Кавасаки, Јапонија, земја која барем формално е прилично дискретна кога станува збор за интимните нешта. Но обредите за поттикнување плодност се нешто друго - нужност за продолжување на циклусот на животот.
Со фестивалот е поврзана една легенда. Демон со шилести заби се заљубил во некоја млада жена. Љубоморен на нејзиниот сопруг, тој ѝ се скрил во вагината и се подготвувал да му го одгриза пенисот на сиротиот маж кога тој ќе има однос со неа. Очајната жена побарала помош од ковач, кој направил метален фалус за да го измами демонот. Кога овој се обидел да го гризне, неговите заби се скршиле и тој го напуштил телото на жената.
Програмата на фестивалот вклучува процесија во која низ градот се шета металниот фалус, чуван во храмот Канајами, често посетувана локација од страна на парови кои се обидуваат да имаат дете. Тука доаѓаат и сексуалните работници, а ваквиот „аџилак“ се смета дека ќе ги заштити од сексуално преносливи болести.
Настанот добил на популарност во 2012, кога тамошна ТВ ѕвезда која промовира права на ЛГБТ заедницата го поддржала истиот. Од тогаш секоја година тука доаѓаат околу 50.000 луѓе, а настанот станал повод за собирање на ЛГБТ групите од цела Јапонија.
На задоволство на туристите и инстаграмџиите, на штандови на фестивалот се продаваат џиџи-миџи во форма на пениси (на пример лижавчиња), а сиот приход се донира за истражување на ХИВ.