Гламурозна актерка игра исто толку гламурозната сопранистка - една дива ѝ оддава почит на друга. И покрај ваквиот привлечен опис, критиката ја „масакрираше“ претставата.
„Калас-строфа“. Вака го опиша еден британски весник настапот на Моника Белучи во претстава посветена на ликот и делото на оперската дива Марија Калас. Монодрамата го покрива животот на грчко-американската сопранистка чија слава кулминираше во 1950-тите. Претставата која се игра на сцената на Театарот на Нејзиното Височество во Лондон е направена врз основа на постхумно објавена книга писма и недовршени мемоари, а нејзиниот глас во буквална смисла се слуша преку снимки.
Белучи е прекрасна во елегантен црн фустан и со косата собрана во пунџа, доловувајќи го имиџот на Калас. Но тука според критиката завршува сета сличност. Актерката зборувала „повеќе како Мерлин Монро“ или Мини Маус, често со шепотење, па публиката во задните редови имала проблем воопшто да го слушне текстот - што една оперска певица сигурно не би си го дозволила.
Белучи седи на канабе а грамофон до него свири во паузите помеѓу нејзината нарација - славни арии на Калас од „Мадам Батерфлај“, „Ла Травијата“, „Норма“ или „Магбет“. Токму тој грамофон станува поекспресивниот, втор лик во претставата.
Режисер е Том Волф, а нему му се припишуваат различни пропусти во поставката. На пример, позадински екран ги прикажува имињата на оние на кои им пишува Калас, како и датумите, но текстот речиси и да не се чита. Писмата се упатени до нејзиниот кум, Леонидас Ланцунис, до Грејс Кели како и до различни пејачи и музичари. Има и писма кои се вон контекст, на пример кога таа му пишува на режисерот Пазолини за нешто што се случило, но тоа „нешто“ не е објаснето. Во друга порака ја замолува шпанската сопранистка Елвира де Хидалго да го носи нејзиниот накит на сцена, но публиката не сфаќа дали тука има некаква скриена порака - дали Калас сака да оддаде почест на Де Хидалго или симболично да ѝ ја одземе круната.
Монодрамата трае само 75 минути и тоа е истовремено и добро и лошо. Ги вклучува само најголемите настани од комплицираниот живот на Калас, од нејзината терсене мајка до пропаднатиот брак со Џовани Батиста Менегини и проблемите со нејзиниот глас. Сепак, најемотивните писма се оние од крајот на нејзината деветгодишна врска со Аристотел Оназис, кому му пишува со очајна страст, пред тој да ја остави и да се ожени со Џеки Кенеди без да ѝ каже. На крајот, Калас е портретирана како разочарана и напуштена жена, чии писма рефлектираат голема осаменост.
Волф напишал две книги, направил изложба и филм за Калас, но изгледа дека нема претходно театарско искуство, па дури и најголемите фанови на Белучи се согласуваат дека претставата е промашување.