Во ноември минатата година излезе англискиот превод на книгата „Романсиерот како вокација“ на Харуки Мураками, збирка есеи од кои повеќето претходно биле објавени во јапонско книжевно списание, а други наменски напишани за ова издание. Книгата веднаш се најде на листата бестселери на Њујорк Тајмс, а критиката за неа напиша дека „Мураками е како магионичар кој објаснува што прави додека го изведува трикот но сепак ве тера да поверувате дека има натприродни моќи“. Во неа тој го открива моментот кога помислил дека може да напише книга (спојлер: на бејзбол натпревар); значењето на меморијата и на она што го нарекува писателски „ментален ормар со фиоки“; неопходноста на осаменоста и неговата дневна рутина.
На коментатор на The Nation таа му служи за анализа на тоа што е всушност работата на романописецот и дали за неа е потребен некој специјален квалитет, Божја промисла или како и за повеќето занимања, збир вештини кои можат да бидат научени.
Според него книгата, иако најавува, сепак не дава одговор на ова прашање. Наместо „како се прави тоа“, Мураками повеќе зборува за „како го направив тоа“ низ автобиографски сеќавања на почетоците и на текот на една навистина богата кариера. Со 15 објавени романи и пет збирки раскази во неговиот 40 годишен стаж, тој сигурно знае дека постојат основни рецепти, кои вештиот „готвач“ може да ги прилагоди, креативно да ги изнијансира и да добие нешто повеќе од само збир обработени состојки. Но во неговите објаснувања тој е прилично неодреден, како кога ги опишува и своите ликови, кои се често дестабилизирани од нешто што никогаш не доаѓа во фокусот, понекогаш од физичка траума, понекогаш од натприродна сила. Импулсот на Мураками да ги документира овие животи без премногу да објаснува се чувствува и во овие негови есеи - трикот е да се вети откровение кое потоа не се случува.
Тој сепак не го сведува пишувањето проза на список чекори, кои доколку доследно се следат несомнено би довеле до резултат. „Потребно е нешто повеќе“, вели тој, нешто што не може да се именува и за кое е тешко да се формулира прирачник. Токму затоа тој е позаинтересиран ЗОШТО пишува како што пишува, отколку КАКО го прави тоа. Еве како го објаснува тоа:
Пишував како да изведувам џез композиција. Џезот ми беше главна инспирација. Како што знаете, најважен аспект на џез изведбата е ритамот. Морате да одржите солиден ритам од почеток до крај - ако не го сторите тоа, луѓето престануваат да слушаат. Следен најважен елемент се акордите или хармонијата. Ги има различни видови. Иако сите користат пијано со истите 88 клавиши, звукот варира до неверојатен степен во зависност од тоа кој свири. Ова кажува нешто важно и за романот. Можностите се безгранични - или речиси безгранични - дури и кога го користиме истиот ограничен материјал.
Поконкретно тој работи без скица, за и самиот да биде изненаден од тоа како нештата ќе се одвиваат самите по себе. Битно е да се има некаков сиров материјал, кои писателите го рафинираат низ своите пишувачки постапки. Но притоа, дисциплината за него е важна - дневно мора да произведе околу 1600 зборови. „Ова звучи повеќе како да работиш во фабрика. Некои ќе речат дека тоа не е начинот на кој уметникот треба да се занимава со својата уметност. Но зошто романописецот мора да биде уметник? Кој го има дефинирано тоа правило? Никој, така? Тогаш зошто човек да не пишува на начин кој му е најприроден?“
Можеби заради неодреденоста на темата, а можеби затоа што не е до крај отворен, Мураками во овие есеи не открива некои кој знае какви тајни. Она што сепак го дефинира од свој агол е дека писателствувањето е „вокација“, позив, нешто помеѓу обично занимање и божествен дар.