#етнологија

Каква е таа професија „корпоративен етнолог“?

Додека кај нас етнологијата главно асоцира на истражување народни носии, правење муабет со селски старци и запишување фолклорни мудрости, етнолозите од други краишта на светот во меѓувреме на научиле како (скапо) да им се продадат на современите корпорации.

Еден од ваквите „комерцијални етнолози“, Јан Чипчејс, веќе 15 години е носител на необични работни позиции, како „извршен креативен директор за глобални анализи“, „постар научник“ или „директор на меѓународни истражувачки и дизајнерски проекти“, сите во големи компании од различни профили. Во моментов работи во сопствената стратешка консултантска фирма, Студио Д Радиодуранс.

Што прави всушност Чипчејс? Па главно она што го прави и секој етнолог/културен антрополог: патува низ светот набљудувајќи и правејќи интервјуа, но во случајов со корисници на производи на места на кои компаниите тешко пенетрираат преку стандардно истражување на пазарот, како Авганистан, Бурунди и Саудиска Арабија.

Сега тој ги споделува своите искуства во книга со повеќе од 500 страници, под наслов „Прирачник за теренско истражување“, која содржи сè што тој знае во врска со „разбирање на корисниците од различни пазари, географски локации и култури“. „Ако сакате да разберете што ги мотивира токијските тинејџери или авганистанските дилери со оружје, јас можам да испратам тим на терен да ви го направат истражувањето. Мојата работа ме има однесено на четирите страни на светот, од современи метрополи до изолирани планински села“, пишува во образложението на Кикстартер, каде тој собра 336.000 долари од очекуваните 22.000.

Што е за право, во биографијата на Јан никаде не е наведено дека тој е академски образован во која и да е хуманистичка дисциплина, само дека ја има „претворено љубопитноста во кариера“ и дека „специјализира во идентификување шеми на човечкото однесување“. Неговото студио има дискретен список клиенти, а тој самиот, иако порано се занимавал со новинарство, одлучил да не го прави веќе тоа заради тоа што теренската работа е многу полесна доколку името не ви е многу познато.

Мото на прирачникот е „Патувај каде и да е, сфати го светот и направи разлика“. Првата копија од него, по цена од 110 долари, е продадена токму преку Кикстартер. Неговите фанови го споредуваат Чипчејс со Индијана Џонс или со специјалец (што можеби и не е далеку од вистината, затоа што авторот има и посебен бизнис на продавање патни торби дизајнирани за итни ситуации, како пренесување милион долари во кеш преку царина без да привлечеш внимание).

Па сепак, прирачникот не содржи некакви скандалозни наслови за тајни мисии или физички пресметки со цариници. Наспроти тоа насловите на поглавјата се „Споредба на буџети“, па дури и „Папирологија“. Најблиску до авантура е она под број 6, „Проекти и ризици“, кое содржи краток пасус за потенцијалниот ризик да бидеш киднапиран во Бразил.

Оттаму, книгата не е толку наменета за поширока јавност, колку што претставува стратешко претставување на неговата професија. Затоа авторот не е толку загрижен дали неговата книга ќе се продава, туку зошто некој ќе ја купи. Имено, постои опасност тој да биде сфатен како „лајф-стајл гуру“ од страна на оние кои ќе ги искористат неговите совети за патување не за бизнис, туку за развивање сопствена емпатија и учество во повисока форма на туризам. Но и за тоа ќе се помачат, не само заради големиот број страници, туку и затоа што ќе мора да минат низ голем број таблици, дијаграми и подпоглавја од типот „Принципи на собирање податоци на Организацијата за економска соработка и развој“. Ако го преживеат сето тоа, останува само да се спакуваат и да тргнат на пат. Макар и до Мариово.