„Вајбовите“ се насекаде. Гулг Мапс не само што може да ви даде насоки за движење, туку има и опција да направи „вајб чек“ - проверка на атмосферата во некоја населба (на пример дали станува збор за уметничко маало или дали има добра храна). Кога ќе излезе нов филм или претстава, критичарите зборуваат за тоа каков им е „вајбот“, како на пример за новата бродвејска продукција на „Ромео и Јулија“, која е опишана дека оддава „вибрации на тинејџери што киснат на паркинг пред супер-маркет“.
Чувствата отсекогаш ја вртеле планетата. Тие започнуваат војни, поттикнуваат револуции, ја моделираат историјата. Сепак, повеќе од два и пол века во јавната сфера емоциите беа сметани за второстепени во однос на разумското расудување. Генерално прифатената мудрост на цивилизираниот свет беше дека фактите доминираат (или треба да доминираат) над чувствата.
Но сега како нештата да се менуваат. Фактите се мртви, а кралот е „вајбот“, впечатокот, расположението, амбиентот. Аморфен и апстрактен, овој термин, наместо да асоцира на хедонизам и некакво етерично чувство чие место е во уметноста и поезијата, сега станува број 1 на агендите на оние кои носат одлуки низ светот.
Како дојде до ова? Лажните вести ја намалија вредноста на фактите и создадоа вакуум на знаење, во кој зачекори „вајбот“. За некои, ова е многу лош знак, рамен на „криза на сериозноста“. Се однесуваме инфантилно, проценувајќи го светот врз основа на тоа како тој прави да се чувствуваме, односно дали ни предизвикува насмевка. Не ни е толку гајле дали нешто е добро или лошо, колку за тоа какво расположение ни создава. Очекуваме забава не само од индустријата на забава, туку и од политичарите, кои нè хранат со изборни кампањи зашеќерени со ТикТок мемиња. Цели 28 години откако Сузан Зонтаг предупреди дека „сериозноста губи кредибилитет, со тоа што запаѓаме во култура чии најубедливи вредности извираат од индустриите на забава“, нејзините идеи стануваат реалност.
Но ситуацијата не е црно-бела. Разделувањето „црква-држава“ помеѓу фактите и чувствата всушност никогаш не постоело, освен во нашата имагинација. Старите добри денови кога гласачите проценувале политики и правеле разумни избори? Измислици. Овие гласачи биле главно поделени по класна линија, што вклучувало неодредено чувство на припадност. Што е религијата, ако не вредности завиткани во естетика и ритуал? Со други зборови - опкружени со некаква вибрирачка аура.
Приказната на овој термин започнува со издавањето на „Добри вибрации“, синглот на Бич Бојс од 1966. Квинси Џонс го покрена списанието Вајб во 1993, кога хип-хопот се уште беше супкултура, и тогаш значењето почна да му се шири. Графиконот на зборот „вајбс“ на Гулг трендс покажува дека истиот почнува да се придвижува од алтернативната во мејнстрим културата околу 2016-тата. Ова се објаснува меѓу другото со скратувањето на нашите опсези на внимание, што пак влијае врз кратењето на изразувањето. Користиме помалку зборови за да опишеме нешто поголемо од самите нив. Околу 2010-тите медиумите почнаа да зборуваат за места, бендови, хотели кои имаат „кул вајб“ или „градски вајб“. Ова всушност беше замена за постариот, германски термин „цајтгајст“ или духот на времето. Но разликата е сепак голема - додека вајбовите се дефинирани од толпата и „од долу нагоре“, цајтгајстот беше определуван од експерти, како облик на културна економија. Тој беше понасочен кон иднината, означуваше непрекината трка да се биде што помодерен. Вајбовите од своја страна се многу понепредвидливи, подложни на налети на носталгија, а понекогаш и бизарни (како пишување дневник со налив-перо).
Но кога чувството ќе се појави и ќе стане популарно, веднаш се претвора во производ. И ова не се однесува само на некаков моден тренд. Вајбот е мистичен, затоа што не е само визуелен. Не можеш да фотографираш вајб. Тој е дел од идентитетот на некој бренд, естетски, но исто така и тактилен, сетилен. Сето ова одговара особено на генерацијата Зед, на нејзините флуидни идеи за сопствениот идентитет, кој не мора да е врежан во камен, туку може да биде и само некакво моментално расположение. Така, во музиката, жанрот сега е многу понезначаен од расположението. Спотифај направи бизнис одлука да организира песни согласно нивната емоционална резонанса, создавајќи плејлисти за секаков момент. „Инди фолк листа за топла мозочна прегратка“ или „високо-енергични песни за зимско трчање“. Наместо да отсликуваат припадност на некакво музичко „племе“ или вкус, песните стануваат саундтрак на нашите расположенија, како животот да ни е филм.
Вајбовите се оттаму истовремено длабоки и ефемерно небитни. Тие се модерна маркетиншка алатка, но и скапоцен начин алгоритмите сепак да не ги забијат своите вапирски заби во нашата култура. Кога им се предаваме, за момент чувствуваме како да можеме да ги оставиме настрана телефоните и да се управуваме низ животот според ѕвездите, како ренесансни морнари. Веројатно тоа и не е баш реално, но...не го убивајте вајбот!