Меѓите имаат огромно практично и социјално значење. Тие означуваат територија, а таа - територијата - означува заедништво, идентитет, можност за обработка или градба, а со тоа и живот.
Во обичаите на народите на Балканот, меѓу кои и македонските, оние поврзани со омеѓувањето се детално разработени, што ја покажува и нивната важност. Иако со локални варијанти, кога станува збор за граници помеѓу две села, тие вклучуваат обредни обиколувања на селото при разни прослави или при истерување на некое зло од него (на пример епидемии), но и други интересни начини кои овозможуваат пренесување знаење за меѓите со помош на „Павлов рефлекс“ . Како што запишал етнологот Миленко Филиповиќ за скопскиот регион во дваесетите години на 20 век, ова било правено со удирање шамари на децата од страна на постарите кога ќе им се укаже на меѓите, за тие поврзувајќи ја болката со ударот подобро да ги запомнат.
Ни се виде многу интересно кога во текст кој се однесува на Британија сретнавме многу сличен обичај. Практиката била наречена "beating the bounds" (буквално: тепање, удирање или утврдување на границите), a нејзината цел била создавање на споделена ментална мапа на одредена населба, за да се обезбеди дека соседните нема да навлезат на нејзина територија. Луѓето притоа носеле, исто како и кај нас, бајраци, пееле песни, кажувале молитви, и во случајот со Британците, носеле врбови гранчиња за со нив да удираат по обележјата кои ги одделувале населбите (на пример големи камења или други „нишани“).
Одговорноста на повозрасните членови на заедницата била да ги знаат границите, а одговорноста на помладите да ги научат истите, за да можат да бидат пренесени на новите генерации. Притоа како алатка за помнење била користена болката, а физичкиот контакт зависел од пејзажот. Ако станувало збор за извор, тогаш главите на децата биле на кратко потопувани во него; ако границата удирала во некој ѕид, тие биле поттикнувани да се тркаат покрај него, што обично значело дека некој ќе падне во ровот покрај ѕидот; ако обележјето било камен, детските глави биле благо удирани од него. На некои места на децата им биле поттикнувани позитивни спомени, кога повозрасните застанувале на пиво а тие добивале леб и сирење. На крај од оваа процесија се завршувало со забава во селото.
Дека ова функционирало покажува пример на 75-годишен човек кој сведочел дека точно ја знае источната граница на селото, бидејќи кога бил мал бил фрлен во куп коприва за да ја запамти. Ова драматично искуство го помогнало неговото помнење.
Обележувањето на границите било и начин за она што денес би го нарекле „тим билдинг“. Сите оние кои не доаѓале на ваквите церемонии биле сметани за „незаслужни и лоши соседи“. Оттаму обележувањето на било само просторно и географско, туку и социјално.
Ова почнало да се менува со новите геодезиски мерења, мапирања и други начини на административно обележување на териториите. Сепак, особено во селата, но и во некои помали градски населби, се уште се знае каде е макар и невидливата меѓа. Нејзиното минување во минатото значело навлегување во „надвор“, во туѓа и понекогаш опасна територија.