Во склоп на премиерата на „Блејд ранер 2049“ (кај нас преведено со непрепознатливото „Истребувач“) излезе ревидирана и апдејтирана верзија на книгата „Иднина ноар: правењето на Блејд Ранер“ од Пол Самон. Пренесуваме извадок од неа кој прикажува дел од атмосферата на снимањето на филмот, со посебен акцент на моментот кога авторот на книгата која послужила како инспирација за него прв пат ги видел неговите ликови во филмска верзија:
***
Ми се јави една од жените во одделението за продукција и ми кажа дека Филип К. Дик ќе дојде во три попладне за проекција, се сеќава Дејвид Драер, еден од одговорните за специјални ефекти. „Таа ми рече да ги соберам на куп најдоброто од најдобрите сцени, па јас го сторив тоа. Салата беше спектакуларна, а беше инсталиран и посебен звучен систем од кој подот трепереше.
Вангелис се уште немаше доставено музика, но Метју Јуричиќ (американски уметник со хрватско потекло, автор на дел од специјалните ефекти во филмот) црташе дел од материјалите додека ги слушаше старите албуми на Вангелис. Бидејќи веќе ни беше позната, решивме да ја пуштиме таа музика додека му го проектиравме филмот на Дик.
Продукцијата изнајми лимузина со шофер за да го соберат од Санта Ана. Навистина му овозможија луксузен третман. Кога пристигна забележав дека со него има и некоја жена. Веднаш можев да забележам дека не беше среќен - се однесуваше како некој со стап во задникот. Прво почна да ме малтретира со мрчаторски тон за разни нешта: сакаше да знае што се случува, ми кажа дека сценариото не му се допаѓа, и така натаму.
Го прошетавме низ студиото, за малку да го смириме. Но Дик не беше импресиониран, иако му го покажавме сиот предпродукциски материјал и реалните модели кои ги користевме за одредени сцени. Потоа влеговме во салата за проекции.
Прво Дик беше воздржан. Се додека не ги намаливме светлата, не ја пуштивме музиката и лентата почна да се врти. Најпрвин тој не рече ниту збор. Седеше дваесетина минути како статуа. Потоа светлата се запалија и тој се заврте кон мене. Рече со длабок тон: „Може да го пуштите пак?“. Тоа и се случи.
Сега светлата се запалија по втор пат. Дик ме гледа право во очи и рече: „Како е ова можно? Ова не се баш тие слики, но текстурата и тонот се истите што ги гледав во главата додека ја пишував книгата! Околината е точно онаква каква што ја замислував! Како сте успеале во ова? Како знаевте што сум чувствувал и што сум мислел?“
Ова беше еден од најуспешните моменти во мојата кариера. Дик си замина замаен.
(од Future Noir: The Making of Blade Runner од Пол М. Самон, 2017)
Забелешка: Премиерата на Блејд Ранер се случила во јуни 1982. За жал Филип К. Дик не успеал да ја види, затоа што починал неколку месеци претходно од излив, на 53 години.