Иако истражувачите не се секогаш согласни околу дефиницијата на „алергија“, тие се едногласни во едно: во текот на последниве неколку децении алергиите се станати полоши, а растечкиот број на алеригични на разни нешта низ светот ќе продолжи да се зголемува. Околу 235 милиони луѓе во светот имаат астма, а 240-550 милиони луѓе глобално страдаат од алергии од храна. Оние алергични на лекарства сочинуваат 10% од светската популација.
Податоците за САД, на пример, покажуваат дека пролетните алергии (на полен и треви) се зголемуваат од средината на 20 век. Појавата на астма се зачестила од 1960-тите, при што кулминацијата се случила во 1990-тите. Од тогаш стапките на астма се константни, но респираторните алергиски болести и атописките дерматити се имаат зголемено во последниве неколку децении. Најдраматичен и видлив раст имаат глобалните стапки на алергии на храна, кој започнал некаде во 1990-тите и од тогаш постојано оди по нагорна линија.
Секако, има повеќе теории за ваквата ситуација. Најистакната е тн. хигиенска хипотеза, која вели дека колку што луѓето повеќе внимаваат на својата чистота и чистотата на околината толку повеќе развиваат алергии. Многумина мислат дека причината е во начинот на кој се храниме, дека промените во тоа како ја одгледуваме и подготвуваме храната ни го има сменето абдоминалниот микробиом, што доведува до пораст на алергии. Трети тврдат дека вештачките хемикалии и пластики со кои се среќаваме дневно го иритираат нашиот имунулошки систем.
Кетрин Наглер, еден од најдобрите имунолози во светот, тврди дека бебето може да биде сензитивизирано дури и пред да почне да консумира каква и да е цврста храна - преку мајчиното млеко или преку кожата. Она што за неа е интересно е кога во семејството воопшто не е забележано пренесување на чувствителност на храна, но таа во некоја (нова) генерација одеднаш се појавува, понекогаш дури и на повисока возраст, што во минатото било мошне ретко (вообичаено алергиите се развиваат помеѓу 2-5 години). Исто така, некои видови алергии, како на млеко, јајца и жито, кои порано се надминувале со возраста, сега знаат да траат до старост. Таа наведува повеќе причини за ваквата ситуација меѓу кои и - царскиот рез.
Имено, вагиналното породување на бебињата им овозможува контакт со некои основни, „пријателски“ настроени бактерии од мајката, кои потоа се дополнети со уште поголем број од нив кои се пренесуваат преку мајчиното млеко. Доколку се прескокнат овие процеси, уште во првите 100-1000 денови од животот на новороденчето може да дојде до несакани последици по имуниот систем. На долгиот список на штетни домашни производи, пак, се освежувачите за воздух, дезодорансите, антибактериските сапуни и гелови, спрејовите за рерни и уште куп други.
Со други зборови, за живот со помалку алергии, треба да се живее како нашите претци - на село, без многу средства за чистење, без бањање/туширање секој ден и без страв од малку нечистотии, на чист воздух.