Во 1966 година, Мао Це-тунг ја започна Големата пролетерска културна револуција со цел радикално да го преобликува кинеското општество - економски, политички и идеолошки. Под паролата за уништување на „четирите стари нешта“ (стари идеи, култура, обичаи и навики), младинските паравоени групи познати како Црвена гарда започнаа бран на насилство. Илјадници луѓе беа прогласени за контрареволуционери, понижувани, мачени или убиени, а храмови, училишта и културни споменици беа уништени. Периодот меѓу 1966 и 1968 година се смета за најдеструктивниот во целата револуција.
До 1968 година, хаосот станал неодржлив. Универзитетските кампуси и јавните простори биле сцени на крвави судири, не само меѓу Црвената гарда и нивните наводни непријатели, туку и меѓу различни револуционерни фракции. Мао одлучил дека редот мора да се воспостави и дека работничката класа ќе ја преземе контролата, со поддршка од Народноослободителната армија. Во овој пресврт, неочекувано, клучна улога одиграло - мангото.
Во август 1968 година, за време на државна посета, пакистанскиот министер Миан Аршад Хусеин му подарил на Мао кутии со манго. Во Пакистан тоа било вообичаен дипломатски гест, но во Кина мангото било речиси непознато овошје. Мао, без посебен коментар, ја проследил кутијата до работниците што го окупирале универзитетот Цингхуа во Пекинг, со цел да ја стават под контрола Црвената гарда. Пораката била јасна: од тој момент, работниците, а не младинските револуционери, ќе ја водат трансформацијата на општеството.
Она што следело, сепак, ги надминало и најсмелите очекувања. Бидејќи мангото дошло директно од „Големиот кормилар“, обичниот плод во очите на работниците се претворил во речиси божествен предмет. Сведоци раскажувале дека луѓето останувале будни цела ноќ за да го гледаат, да го допрат и да му се поклонат. Партиските кадри брзо ја искористиле ситуацијата и изградиле цела пропагандна кампања околу мангото, Мао и работничката класа. Наскоро, Црвената гарда била распуштена, а многу нејзини членови биле испратени на „превоспитување“ во селата.
Култот кон мангото ескалирал со неверојатна брзина. Работниците организирале свечени пречекувања за плодот, го зачувувале во восок, го поставувале на олтари и му се поклонувале при секое поминување. Во една фабрика, мангото било сварено во вода, која потоа симболично ја пиеле вработените. Наскоро, фабриките започнале масовно да произведуваат восочни и пластични манга. Тие се појавувале во стаклени витрини, на значки, чинии, свадбени подароци, цигари и ќебиња. Пропагандни тимови со реплики од манга патувале низ земјата, ширејќи ја нивната „света“ приказна.
Државниот печат објавувал песни во кои гледањето манго се поистоветувало со гледањето на самиот Мао. За време на Националната парада во 1968 година, мангото било централен мотив на неколку платформи, заедно со огромни статуи на лидерот. Симболот бил особено погоден: за разлика од традиционалните кинески симболи, мангото немало претходно културно значење, ниту поврзаност со цареви или божества. Тоа му овозможило лесно да биде исполнето со нова, идеолошка содржина.
Култот кон мангото се совпаднал со врвот на култот кон личноста на Мао. Во тоа време биле испечатени околу една милијарда примероци од „Малата црвена книга“ со негови цитати, која морала јавно да се користи секој ден. Критика на мангото значела критика на Мао — и можела да заврши фатално. Еден стоматолог во провинцијата Сичуан бил егзекутиран откако рекол дека мангото личи на сладок компир. Во таква атмосфера, невозможно е да се утврди колку луѓе искрено верувале, а колку само глумеле од страв.
До 1969 година, култот почнал тивко да згаснува. Мангото исчезнало од официјалната пропаганда, но останало присутно во секојдневието сè до средината на 1970-тите. По смртта на Мао во 1976 година и подоцнежната критичка ревалоризација на неговиот култ, станало дозволено восочните манга да се фрлаат или, попрактично, да се претопат во свеќи.
Денес, манијата по мангото најчесто се памети како симбол на апсурдот на Културната револуција и на произволноста со која луѓето биле прогласувани за непријатели. Иако некогаш било „свет“ предмет, мангото во современа Кина повторно е само тоа што отсекогаш било: обично, освежително летно овошје.