Проектот се базира на податоците собрани во книгата на Анте Лешај, „Книгоцид" (2012), кои покажуваат дека во случаите со уништување на книгите во 1990-тите, слично како и со спомениците од НОВ, не се работело за инциденти, туку за намерно и систематско делување, на линија на доминантната политика.
Службените документи прикажуваат ситуација на легитимно расходување, но вистинската причина е што овие книги биле пишувани на кирилица и/или биле сметани за идеолошки неприфатливи, опасни и штетни. Тие завршиле во контејнери, на улица или биле рециклирани.
Изложбата е истовремено и акција на нивно повторно собирање и скенирање, за потоа да бидат достапни на сајтот otpisane.org, каде веќе се складирани 173 наслови. Меѓу нив „Проклета авлија" на Андриќ, наслови како „Можност за марксистичка естетика", „Народниот херој Раде Кончар", „Жената и социјализмот", но и такви за кои е навистина необично да се најдат на овој список, како детската книга „Вини Пу" или „Новите доживувања на Пипи Долгиот Чорап" на Линдгрен, a заради тоа што се српски преводи на овие книги, или стари изданија од време на СФРЈ.
Изразот „книгоцид" за оваа постапка прв пат е спомнат во текст објавен во Ферал Трибјун, и тој не е спроведуван заради некаков закон, туку заради општата клима која го поттикнувала ваквото чистење, по сопствено наоѓање на локалните „чувари на националната култура“. Така, книги биле расчистувани по основни училишта, гимназии, градски библиотеки и по домовите. Според проценката на овој начин се отстранети 2.8 милиони книги, што е три и пол пати повеќе од пропишаното за „отписна квота", односно дозволен број на расходувани книги.
Ова секако не е карактеристика само на Хрватска. Се сеќаваме на контејнери полни книги и пред некои од нашите институции, кога настрадаа комплетите за во регал од Тито, Кардељ и Маркс. Во детските оддели пак на градските библиотеки денес речиси и да не може да се најде книга на српско-хрватски.