Чувствителен по карактер и крајно интровертен, рускиот композитор Сергеј Рахмањинов од страна на својот колега, Игор Стравински, бил опишан како „подвижна намрштеност“. И покрај ова, на крајот на 19 век тој бил еден од атрактивните млади композитори на руската сцена. Премиерата на неговата Прва симфонија во Санкт Петерсбург во 1897, кога тој имал само 23 години, требало да го внесе во елитата.
Но премиерата била катастрофална. Извесен композитор и музички критичар напишал дека музиката била соодветна само да ги „израдува жителите на пеколот“. Освен тоа, изгледа дека диригентот бил пијан и повеќе привлекувал внимание на себе отколку што публиката ја следела изведбата. Рахмањинов го преседел концертот на скалите пред концертната сала, а подоцна напишал: „Понекогаш си ги ставав прстите во уши за да не си ја слушнам сопствената музика. Откако поминаа последните акорди, избегав ужаснат и талкав низ улиците“.
По ова тој доживеал „парализирачка апатија“ која не му овозможувала да седне и да продолжи да работи. По дури тригодишна пауза, семејството го убедило да оди кај доктор Николај Дал, кој и самиот бил музичар - виолист, но и специјалист за хипноза.
Овој метод официјално бил забранет во Русија, но тоа сепак не ги спречувало богатите и моќните да посетуваат вакви сеанси. Помеѓу нив бил оперскиот пејач Феодор Шљапин, композиторот Скрјабин и театарџијата Константин Станиславски. Работата на Дал била спомената дури и во делата на Чехов.
Тоа е период кога се популаризираат техниките на лекарот и астроном Франц Антон Месмер, кој верувал во „животински магнетизам“ (за него претходно пишувавме тука). Бидејќи бил пријател на Моцарт а и музичар, неговото име било особено познато во уметничките кругови. Но доктор Дал имал своја верзија - тој користел директна сугестија, „позитивно мислење“ и окуражување со клучните фрази: „Ти ќе почнеш да пишуваш концерт. Ќе работиш со голема леснотија. Концертот ќе биде одличен“.
Рахмањинов почнал со третманот со голема скепса. Но подоцна навистина почнале да му доаѓаат нови идеи и тој се нашол полетен и подготвен да продолжи. Така во 1901 е создаден фамозниот втор концерт за пијано во Ц-минор, прво дело по тригодишната пауза. Следната година композиторот се оженил со својата братучетка Наталија Сатина, чија врска руската православна црква не сакала да ја озакони. Но хипнозата ете го „одврзала“ и тоа.
Многу години подоцна, како прв сингл од дебитантскиот албум на американскиот композитор и пејач Ерик Кармен, во 1975 излегува песната „Ол бај мајселф“. Рефренот е базиран на вториот став Adagio sostenuto токму од спомнатиот концерт, мелодија која претходно била популаризирана во британскиот филм „Кратка средба“ од 1945. Музиката на Рахмањинов во тој момент била во јавен домен во САД, па Кармен мислел дека може да ја употреби. Но тоа не било така во остатокот од светот, па кога албумот почнал да се продава во Европа тој бил контактиран од наследниците. Од тогаш 12% од авторските права од песната одат за фондацијата Рахмањинов. Истата песна ја испеа и Селин Дион.