Како еден музејски водич влијаел врз расните гледишта на Марк Твен

Додека престојувал во Венеција пишувајќи ја книгата која ќе стане негов мемоар-бестселер, писателот се сретнал со афро-американски експерт за уметност - средба која засекогаш ќе го промени неговиот начин на пишување во врска со расните поделби.

„Наивниот читател никогаш, никогаш нема да знае дека е глуп ко ноќ, додека не отпатува во странство“, напишал пред 150 години Твен во својот патепис, The Innocents Abroad. Книгата која била негово дебитантско остварување станала бестселер. Во неа, со карактеристичниот сарказам, се опишува прекуокеанското патување на младиот автор - петмесечна тура во Европа и Светата земја, период кога навистина се чувствувал како американски идиот.

Неговите локални водичи само ја нагласувале оваа инфериорност, а сите нив во книгата тој ги нарекол со еден ист прекар, „Фергусон“, без детално да ги опишува нивните ликови. Но еден сепак бил поштеден од ваквиот неправичен третман: неименуван Афро-Американец, кој ги водел Твен и неговите сопатници низ уметноста и архитектурата на Венеција.

Патувањето започнало само две години по крајот на Граѓанската војна во САД, време кога било лесно за некој роден во Мисури, во семејство кое поседувало робови (како она на Твен) да го потцени својот водич, кој бил син на робови од Јужна Каролина а се самообразувал кога бил донесен во Европа од страна на бели Американци. Но Твен имал сосема спротивна реакција, опишувајќи го својот водич со огромна почит.

Тој е одлично образуван: чита, пишува и зборува англиски, италијански, шпански и француски со совршена леснотија; ја обожува уметноста и може долго да разговара за неа; ја знае историјата на Венеција наизуст и никогаш не се уморува од тоа да зборува за нејзината слава. Се облекува подобро од кој и да е од нас, и е многу учтив. Црнците во Венеција се третирани истоветно како и белите луѓе, па овој човек не чувствува желба да се врати во својата татковина. Неговиот став е исправен.

Ваквиот опис на еден Афро-Американец силно оддекнал во пост-воена Америка, но настанот го инспирирал и самиот Твен да се заинтересира за граѓанските права на ова население. Претходно тој никогаш се немал сретнато со Афро-Американец кој поседувал таков вид знаење кое традиционално се вреднувало од и кај Евро-Американците. На истиот ден кога го поднел ракописот за книгата кај својот издавач, Твен напишал колумна за Њујорк Трибјун, велејќи дека сега верувал во доделување американско граѓанство на кинески и африкански имигранти - претходно велел дека е „скандализиран“ од ваквата идеја. Исто така, во лекторираната верзија на патеписот настојувал да го избрише секој збор на „н“ (negro), кој се појавува над 200 пати во „Авантурите на Хаклбери Фин“, додуша изговорен од наратор кој не е Твен.

Повеќе од една деценија подоцна, кога Твен се вратил во Венеција како дел од пат опишан во неговата книга A Tramp Abroad (1880), било јасно дека тој не го заборавил водичот - го побарал на истото место, но за жал тие не се сретнале повторно.

извор

26 ноември 2019 - 13:29