Калдер и Миро

Како двајца уметници ја развиле истата естетика иако биле разделени со океан и војна

Американецот Александар Калдер и шпанскиот уметник Жоан Миро, на две различни страни на светот и среде Втората светска војна, успеале да создадат неверојано слични дела во својот медиум. Кога и лично се запознале, станале најдобри другари.

Миро - сликар, скулптор и керамичар, роден 1893 во Барселона. Неговите дела често се интерпретирани како надреалистички, иако со мешавина на фовизам и експресионизам. Поради очекувања на семејството, почнал да работи како службеник, но доживеал нервен слом после кој целосно се посветил на уметноста.  

Александар „Сенди“ Калдер, пет години помлад од Миро, американски скулптор најпознат по своите подвижни скулптури придвижувани од ветар или од мотори. Интересно, но и неговите родители - обајцата уметници - не сакале тој да го следи нивниот пат. Одлучил да студира машинско инженерство, иако немал поим што е тоа. По завршувањето на факултетот работел како хидрауличен инженер. Ова познавање на законите на механиката и физиката подоцна сепак ќе му помогнат во дизајнирањето на скулптурите. 

Средбата помеѓу овие двајца се случила во Париз во 1928, кога станале дел од алтернативната уметничка сцена. Во текот на 1930-тите тие изложувале едни покрај други во голем број групни изложби. Во 1937, шпанската републиканска влада од обајцата нарачала нови дела за Шпанскиот павиљон на Светскиот саем во Париз, каде тие биле изложени до легендарната „Герника“ на Пикасо. Нивната синергија била толку очигледна, што кинетичките скулптури на Калдер во 1936 Њујорк Тајмс ги опишал како „Живи апстракции на Миро“. 

По враќањето на Калдер во САД, Втората светска војна ги разделила. Но меѓусебното влијание продолжило и е најдобро претставено преку група дела „Констелации“, кои секој од уметниците истовремено ги создал во време кога тие немале начин да комуницираат. Ова покажува дека тие не само што споделувале исти уметнички идеи, туку дека и дејствувале во синхроницитет. Најпрвин, под тоа име одела само серијата на Калдер, а Миро го користел само за една од неговите слики. Сепак, до крајот на 1950-тите, обете групи дела почнале да се нарекуваат под истото име бидејќи уметничките критичари и кураторите некако „природно“ ги поврзувале. 

Монографија за серијата може да се купи за над 500 долари во специјално издание од 2017, делукс кутија во која паралелно претставените дела влегуваат во визуелен дијалог, придружено со споделена хронологија и преписки. 

На Калдер се потсетивме кога неодамна во МСУ во Скопје ја видовме неговата скулптура од 1961, Црвен полигон, во рамки на новата поставка „Калдер - флуиден модернизам“. Бидејќи колку што ни е познато МСУ поседува и дела од Миро, ете можност за нивна повторна средба, овој пат во Скопје. 

6 март 2025 - 10:22