Во изминатите осум години фирмата Ladbrokes точно го предвидела добитникот на Нобеловата за литература во повеќе од 50 отсто од случаите, што е многу повисок процент од кој и да е книжевен критичар или наводен познавач на пишаниот збор.
Тајната на нивниот успех сепак не се состои во нивното експертско познавање на делата на авторите чии имиња се појавуваат на списоците на обложувалниците. Се работи за познавање на една друга област - масовната психологија. Имено, „мрзливите новинари", како што ги нарекува портпаролот на оваа фирма оние кои во нивните текстови само ги цитираат коефициентите (како моменталниот 3/1 за Мураками), всушност помагаат во создавање на ефект познат како „колата на чело на поворката" (bandwagon effect), односно ефектот на придружувањето на некаква толпа (читај: човечко стадо), без критичко преиспитување на она што таа го прави или го мисли. Во случајов се работи за тоа дека фаворитот на обложувалницата полека, како некое самоостварувачко пророштво, станува вистински фаворит. Овој ефект од генералната публика си го пробива патот до споменатите „познавачи" и критичари, па дури и до Комитетот.
Крис Рајт од Бостон Глоуб објаснува: „Размислувањето зад предимството на Мураками има речиси циркуларна едноставност. Неговото име постојано се појавува во шпекулациите, има доста голема шанса дека тој ќе победи во текот на неколку следни години, оттаму веројатноста се проценува на 3-1."Секако, оваа веројатност нема никаква врска со вистинската вредност на нечие дело, бидејќи проценката ја прави поединец од обложувалницата кој едноставно „има чувство за овие работи", што е еуфемизам за тоа дека тој (или таа) воопшто не чита.
Така се создава една ситуација на „ехо", во која прогнозите одѕвонуваат, но не во празно. Секако, директното влијание врз конечните одлуки не може да се докаже. Питер Енглунд, постојаниот секретар на Нобеловиот комитет, вели дека ова тело никогаш не ги слуша гласините. Но секако дека е тешко да се замисли дека тие немаат ама баш никакво психолоко влијание во водењето на дебатата. Наскоро ќе видиме дали некој од оние кои сега водат, Мураками, Џојс Керол Оутс или Петер Надаш ќе бидат меѓу добитниците.