„Шаламет кашла, значи Дјун добива: предвидување на добитникот за најдобар филм според кашлања и кивања“ е пародичен научен текст на тројца автори кои се потпишани како „вонредни хонорарни неуниверзитетски професори“. Уредничката забелешка пред самиот напис е дека наводите во статијата не се верифицирани бидејќи истражувачите одбиле да ги обелоденат податоците и методологијата, вадејќи се на „права на интелектуална сопственост“, „светоста на Првиот амандман“ и тоа што „браќата Рајт никогаш не ги прикажале своите цртежи“.
Секоја година се вложуваат огромни количества време, напор и пари за предвидување на добитниците на Оскарите, а методите вклучуваат анализа на заедниците на IMDb, твитови и субјективни пристапи. „Сепак, веруваме дека сите овие модели не нудат доволна прецизност“, велат авторите на спомнатата статија. „Ние нудиме нов пристап: предвидување на победникот во категоријата Најдобар филм врз основа на бројот на кашлања и кивања во него, што би претставувало револуционерен предвидувачки модел“.
Емпириска позадина за нивната анализа е сајтот „Кашлања и кивања во сите филмови“, неверојатен напор да се регистрираат и каталогизираат сите вакви појави во историјата на кинематографијата. Сајтот е востановен во текот на пандемијата, кога станавме посебно чувствителни на исфрлањето вируси при наведените дејства. Станува збор за над 30.000 филмови, чиешто истражување покажало интересна шема: филмовите кои вклучуваат кашлања и кивања почесто добиваат номинации за најдобар филм. Во дури 64% од номинираните некој кивал или кашлал. Ова можеби се должи на фактот дека ваквите дејства се изразни средства преку кои се укажува на надоаѓачка болест, тие се поврзани со сцени на драма, акција, но има и такви кои се баш дефинирачки за одреден филм.
Во овој клип се наведени примери од „Бен Хур“, „Апартман“ преку „Ловец на елени“, до „Паразит“. Еден од рекордерите по број на кашлања е „Далас бајерс клаб“ со 24 вакви сцени. „Апетитот“ за кашлања или кивања во номинираните филмови авторите на статијата го нарекуваат „Кофгајст“ (Кашлодух). Тој се менува од година во година, а тезата е дека номинираниот филм кој доаѓа најблиску до средната бројка во тековната година (ни премногу, ни премалку) ќе го добие Оскарот.
Тоа за 2022 според нив е „Дјун“. Па ако ова предвидување излезе точно, следната година ќе знаеме на што да се обложиме. Тогаш и овој текст нема да биде номиниран за Иг Нобел, туку за вистинскиот.