Како да бидеш другар со себеси од минатото и од иднината

Ова е нешто што психолозите го нарекуваат „континуитет на јаството“, а тоа, велат, може да го подобри нашето здравје и благосостојба, плус позитивно да влијае врз пошироката околина. 

Кога бил запрашан зошто не почнал да пишува романи до своите 30-ти години, славниот Кундера рекол дека кога бил млад го немал потребното искуство. „Бев кретен и тој човек не би сакал да го видам“, изјавил тој. 

Многумина кога ќе погледнат во минатото се исчудуваат на сопствената незрелост и, од денешна гледна точка, на погрешниот начин на којшто сме се однесувале и сме носеле одлуки. Сепак, степенот во којшто се чувстуваме пријателски настроени и кон нашите минати и кон нашите идни јаства варира. Психолозите ја нарекуваат оваа особина „континуитет на јаството“ или „себеконтинуитет“ (self-continuity) и сугерираат дека таа има голема тежина во оредувањето на долгорочната благосостојба. 

Истражувања спроведени во изминативе неколку години покажува дека чувството на кохерентност помеѓу нашите минати и сегашни верзии можат да го зајакнат менталното здравје и, особено, емоционалната отпорност. Нашата врска со идните јаства, од друга страна, може да определи избори со долгорочно влијание врз нашата идна благосостојба, од внимавањето на тоа што јадеме, па до штедење за пензија. 

Континуитетот на јаството, вели геронтологот Корина Лекенхоф од Универзитетот Корнел, ни овозможува разбирање за тоа од каде доаѓаме и каде одиме - ни дава правец, цел и идентитет. Ова е слично на метафората на психологот од 19 век, Вилијам Џејмс, кој го споредил човечкото искуство со седење во седло од кое можеме да гледаме во два правци истовремено. Но модерните истражувачи заклучуваат дека оваа способност, или повеќе подготвеност да се гледа во обата правци, варира од човек до човек. 

Имено, некои луѓе чувствуваат голем степен на преклопување и континуитет на верзиите од самите себе во минатото, сегашноста и иднината. Други пак не ни размислуваат за сопственото „јас“, кое за нив е речиси како некој туѓинец. Ова се две крајности, но статистиката (колку луѓе се на која точка во спектарот) и не е толку важна, колку што се факторите кои влијаат на таа нивна позиционираност. 

Така, студија од 2009 која вклучила 164 луѓе барала од учесниците да опишат врз основа на понудени опции колку се чувствуваат поврзани со сопствената проекција 10 години во иднината. Нивните одговори биле во опсег од нула поклопување до речиси целосно. 

Овие разлики зависеле од куп фактори. Прв и прилично очигледен е возраста - постарите луѓе, чии очекувани временски хоризонти се пократки, имаат поголемо чувство на континуитет на јаството. Истото важи и за припадниците на источно-азиските култури, најверојатно поради похолистичкиот светоглед на „цело е кога има сè“. Луѓето кои се соочуваат со депресија, сиромаштија и трауми од детството се чувствуваат помалку поврзани со своите идни јаства. Но ова е проблем не само за поединците туку и за целата заедница. Луѓето со посилен континуитет на јаството е поверојатно да се однесуваат етично и одговорно и кон другите луѓе и кон животната околина. Оттаму, она стандардно прашање од интервјуата за работа - каде се гледате себеси по 10 години? - можеби и има некаква смисла, доколку се толкува од овој аспект.

извор

2 јануари 2025 - 11:37