Постапката на гледање на работите од перспектива на некој спореден лик во славен роман или друго книжевно дело е позната. „Розенкранц и Гилденстерн“ на Том Стопард на пример, ја прикажува гледната точка на два лика во Шекспировиот „Хамлет“. Романот „Фо“ на Џ. М. Куци, пак, е ново читање на „Робинзон Крусо“, при што целото дејство е раскажано од женски лик, непостоечки во оригиналот, која трагајќи по нејзината киднапирана ќерка завршува на островот на Робинзон и Петко, станувајќи „алката која недостасува“ (подетално види во Букбокс читанка посветена на оваа книга).
Но филмски верзии на истата постапка ретко сме среќавале. Всушност, оваа преработка на „Денот на мрмотот“ (Groundhog Day), со Бил Мареј и Енди МекДауел е првата таква којашто ја гледаме. Попрецизно, ова не е ни преработка, туку така монтиран исечок од петнаесет минути кој ја претставува перспективата на Рита (МекДауел), и според авторите на видеото, успева да пронајде „грешка“ во сценариото. Бидејќи доколку работите се погледнат на овој начин, таа немала шанса да се заљуби во Фил (Мареј), како што всушност завршува филмот.
Секако, тоа ќе биде разбирливо само за оние кои го имаат гледано филмот, особено за оние кои навистина внимателно го гледале, или како нас ги знаат наизуст репликите од него. Накратко - филмот почнува ден пред Денот на мрмотот, за веќе од утредента да почне злокобното повторување на истиот ден, втори февруари. Но на тоа повторување се сеќава само Фил, а за Рита се работи за (не)обичен ден од само 24 часа, во кој нејзиниот колега доживува неверојатна трансформација, од арогантен кретен во нежен џентлмен кој прави снешковци и ја гушка пред спиење. За авторите на видеово кои тврдат дека тука е „грешката“, само да потсетиме колку пати во животот се случува токму истото.
Претходно: Врската помеѓу „Денот на мрмотот“ и Чехов