Немаше ни потреба да се гледа некоја од бројните филмски екранизации за да се визуелизира разгазениот песок, и да замисли ужасот на робинзоновата двојба - добро ли е или не е да не сте сами во вашата осама? Тој, „другиот", пријател е или не? До кога може да се игнорира туѓото присуство, да се трга погледот од неговото макар и грдо лице? Дали е воопшто можно да се биде сам?
Даниел Фо, вистинското име на авторот на „Робинзон Крусо", напишал уште петстотини други книги, памфлети и есеи, под 198 различни псевдоними, но токму ова е делото заради кое е прогласен за еден од основоположниците на англискиот роман. Објавено 1719, тоа во историјата на книжевноста е читано како метафора за цивилизацискиот развој, и израз но и критика на европските колонијалистички претензии. Иако го завршил животот неславно и во големи долгови, Даниел Дефо (ова „Де" го додал подоцна, тврдејќи дека потекнува од некакво аристократско семејство) бил многу пред своето време во согледувањето на далекусежните последици на контактот помеѓу различните класни и расни светови. Токму тоа овозможува постојани препрочитувања на оваа навидум едноставна приказна, која обично (како и сличните животни сижеа) се толкува и продава како 'авантура'.
Повеќе од 250 години подоцна Куци во „Фо" нуди токму едно такво, ново читање на „Робинзон Крусо". Главната разлика помеѓу двете книги е што во вторава главниот лик е - жена. Се вика Сузан Бартон и е во потрага по нејзината киднапирана ќерка, која наводно е однесена во Новиот свет. Патувајќи кон Лисабон таа доживува бродолом кој ја носи на брегот на островот на Робинзон и Петко, каде тие се веќе староседелци. Живеејќи една година со нив, пред да бидат спасени и вратени во Британија, таа станува третиот протагонист, „алката која недостасува" за драмата да биде комплетна а односите помеѓу ликовите уште посложени.
Крусо не го преживува патот назад, па така немиот Петко (чиј јазик некој кој исекол, можеби самиот Робинзон) и Сузан се единствените кои ја знаат 'вистината' за нивниот престој на островот. Таа се обидува да ја пренесе на хартија и му го нуди ракописот на познатиот писател Даниел Фо, кој пак има сосема поинаква визија за тоа што треба да содржи книгата за таа да биде популарна. Тој ѝ ја менува фабулата и стилот, и на крај пишува книга која таа воопшто не ја смета за нејзина. Како и реалниот Даниел Дефо, и тој набргу заглавува во долгови, и има сè помалку време за неа и за нејзината потреба да се искаже.
Надоврзувајќи се на прекрасната подлошка која му ја има оставено неговиот претходник, Куци само ја надградува темата додавајќи ѝ нови аспекти. Главниот проблем е односот помеѓу јазикот и моќта: со светот владее оној кој ги поседува инструментите да ја раскаже сопствената приказна, а да ги замолчи оние другите - особено ако нивната вистина е поинаква или спротивна. Сузан Бартон е жена, Петко е црнец, обајцата припадници на 'маргинализираните' групи, чиј глас е загубен низ мрачните ходници на историјата. За разлика од Петко кој е барем навидум помирен со судбината, Сузан крвнички се бори за нејзиното право да биде слушната - служејќи се со класичните женски стратегии, таа им се подава и Робинзон а потоа и на Фо, надевајќи се дека на тој начин ќе се здобие со моќта која ѝ е толку потребна. Залудно, бидејќи не сексот, туку текстот е бојното поле на кое според Куци треба да се извојува секоја, па и 'женската' победа.
Дури и да не ве интересираат филозофските, деконструктивистичките, постколонијалистичките и феминистичките аспекти на оваа книга, „Фо", како и „Робинзон Крусо", можете слободно да ја читате и (само) како авантура. Иако токму наведените аспекти, присутни и во другите негови дела, му ги имаат донесено на Куци двете Букерови награди и Нобеловата во 2003. А за односот помеѓу текстот и моќта и онака не мора да гледате многу далеку. Само сетете се на актуелните случувања околу македонската енциклопедија, и работата од политичка (нивото на „авантура"), веднаш ќе ви стане и филозофска. Овој филозофски поглед 'одозгора' има една голема предност - како на Google Earth проблемот можете да го согледате во целата негова ширина и должина. Ако доволно добро зумирате, можеби ќе забележите човечки стапки крај брегот на некој океан. И ќе се израдувате, или ќе се уплашите, од присуството на Другите, на овој остров - најдобриот од сите можни светови.
Илина, Букбокс