Минатата недела Јутјуб најави нова политика, која меѓу другото нема да толерира „видеа кои ја промовираат или ја глорифицираат нацистичката идеологија, која е инхерентно дискриминаторска“. Како резултат на ова стана недостапен филмот на Лени Рифенштал, „Триумф на волјата“, славниот германски пропаганден документарец од 1934, за големиот партиски митинг на национал-социјалистите во Нирнберг истата година.
Иако никој не спори дека филмот го слави нацизмот и диктаторот (затоа и е „пропаганден“, нели?), тој е исто така неизбежен наслов во секој канон на светската кинематографија, особено кога станува збор за моќта на филмскиот медиум за идеолошка манипулација. Со децении се предава на светски универзитети, секако не затоа што професорите сакаат да го промовираат Третиот рајх. Од естетиката на Рифенштал учеле генерации монтажери - сцените во кои камерата се пробива низ облаците за потоа да се фокусира на Хитлер, сето тоа придружено со звуците на свечената Вагнерова музика, има за цел да го прикаже Адолфа како божество. Но истовремено ова биле револуционерни визуелни техники за времето за кое станува збор.
Токму затоа овие материјали и треба да бидат достапни - за од прва рака да се види начинот на кој една силна машинерија, каква што поседува секоја тоталитарна власт, може да ја употреби уметноста во своја полза. Не станува збор тука за некаква „убавина“ на филмскиот израз, туку за деконструкција на еден метод на заведување, славење, пропаганда. Филмот е снимен еден месец откако Хитлер станал фирер, а малку повеќе од една година откако бил создаден првиот конц логор Дахау, близу Минхен. Иако војната е далеку од добиена, Рифенштал го портретира водачот како освојувач на светот. А сликата, нели, вреди илјада зборови.
Загриженоста за подемот на радикално десничарските партии во Европа и светот не е без основа. На ваквите филмови - не само на овој - веројатно треба да му се обезбеди контекст. Но за да се разбере зошто и како воопшто се случило да биде снимен, тој никако не смее да се цензурира.
Јутјуб е бизнис кој изгледа не се снаоѓа баш најсјајно со овие сензитивни теми. Во моментов „Триумф“ е избришан, но достапен останува „Олимпија“ на Рифенштал од 1936, кој е исто така пропаганден, иако не прикажува војнички маршеви. Истовремено, на платформата останува „Подморницата Потемкин“, подеднакво идеолошки манипулативен, само во корист на друга идеологија. Ако се почне со бришење на овие и на ним сличните, долгата рака на цензурата ќе истрне од работа. Ова истовремено ќе го подрие капацитетот на Јутјуб како историски архив, а сè повеќе ќе го претвора во плеј листа на нерелевантни видеа.