На почетокот на март во Литванија започна необична дигитална информациска кампања. Нејзина цел - поврзување на волонтери од руската дијаспора во оваа земја со 40 милиони јавно достапни телефонски броеви во Русија, што според организаторите би можело да помогне во окончувањето на војната во Украина.
„Јави се на Русија“ (Call Russia) тргнува од една едноставна премиса - дека само Руси можат да го сопрат Путин. Светското мислење игра второстепена или никаква улога во неговите одлуки, а истото важи и за тоа како руската јавност ја перцепира оваа „специјална операција“. Втората премиса е дека она што е важно е поврзувањето, автентичниот пристап и комуникација со друг човек, па макар тоа завршило и со кавга.
„Ова може да биде најважниот повик на вашиот живот“, гласи мотото на повикот за приклучување на волонтери во кампањата, а единствен услов е тие да зборуваат руски и да се доволно храбри и трпеливи да свртат рендом број во Русија, да се претстават и да зборуваат на сензитивната тема Русија-Украина. Идејата е да се поттикне емпатија кон она низ што поминува украинскиот народ во моментов, и да се намали, макар и за миг, информативната блокада во Русија, со споделување и на други приказни освен оние кои ги шират мејнстрим медиумите.
Во најновата епизода на подкастот Тhis American Life, го запознаваме волонтерот Паулус Сенута кој е активен во кампањата уште од првиот ден, кога биле направени 32.000 повици. Голем број од нив завршуваат со дерење од другата страна, или во најмала рака со прекинување на линијата. Една жена се препревала дека е ќерка на Путин и почнала да глуми дека го вика: „Тато, тато, дојди да слушнеш што ми зборува човеков“. Целата работа делува како бизарен геополитички маркетинг, во кој луѓе како Паулиус се обидуваат надминат огромен јаз на омраза, страв и недоверба. Најчесто тоа не им успева. Па сепак, тој смета дека кога луѓе гинат и бегаат од дома, тој може да помине барем неколку часа дневно вртејќи телефони, па макар и само колку за чувство дека прави нешто, наместо ништо.