Осаму Тезука им е добро познат на љубителите на манга стриповите. Но неговото влијание излегува од рамките на овој жанр, меѓу другото и затоа што со делата инспирирани од оние западните, тој претставувал и културолошки мост помеѓу двете култури.
Роден во 1928, Тензука бил потомок на познат нинџа и самурај, а неговиот прекар како дете бил „гашагаша-атама“ - или „каша-попара глава“, опишувајќи го неговиот темперамент и откачени идеи. Прележал тешка болест и посакал да стане доктор, како оној кој успеал да го излечи. Наместо да бира помеѓу тоа да стане цртач или медицинар, тој ги сторил двете нешта - дипломирал медицина на Универзитетот во Осака и иако никогаш не работел како доктор сепак го користел ова знаење за да ги збогати своите дела.
Ја започнал манга „револуцијата“ во Јапонија со книгата „Новото острово на богатството“ издадена во 1947, а инспирирана од антологиската книга на Роберт Луис Стивенсон. Следеле сериите „Астро бој“, „Принцезата витез“ и „Кимба белиот лав“. Тезука почнал и со продукција на анимирани филмови, иновирајќи поедноставен уметнички стил, кој истовремено им штедел труд и време на цртачите.
„Астро бој“ ќе биде емитувана на Нова година 1963, и таа ќе стане првата јапонска анимација синхронизирана на англиски за американска публика, за која исто така ќе биде изработена и цела серија рекламни производи и играчки. Негативната страна на ова било што Американците никаде не означиле дека серијата доаѓа од Јапонија, во адаптацијата не смеело да има наративен лак кој трае повеќе од една епизода, сите улични знаци морале да бидат на англиски, не смеело да има религиски референци итн. Ова најпрвин не му пречело на Тезука, но на крај бил разочаран што сите овие жртви ги направил за само 52 епизоди после што Американците не нарачале повеќе, „вртејќи“ ги постојано истите.
Од ваквите моменти на средба помеѓу истокот и западот, интересни се уште два. Кога бил мал, Тезука посакал да црта откако ги гледал филмовите на Дизни. „Бамби“ на пример го имал гледано дури 80 пати, и се смета дека големите очи на неговите ликови се инспирирани токму од овој филм. Тој и Дизни се сретнале во 1964 на Светскиот саем во Њујорк и разговарале студиото да го ангажира за потенцијален научно-фантастичен проект, кој за жал никогаш не се случил.
Една година подоцна, Тезука добил писмо од Стенли Кјубрик, кој ја гледал серијата „Астро бој“ и сакал да го покани Јапонецот да биде уметнички директор на неговиот следен филм, „2001: Одисеја во вселената“. Иако поласкан од поканата, Тезука не можел да си дозволи да го напушти своето студио во тек на цела година за да живее во Англија, па морал да одбие. Иако не работел на филмот, го обожавал и го пуштал саундтракот на најгласно во своето студио за да го држи буден во текот на долгите ноќи работа.
Починал од рак на стомак во 1989, на 60-годишна возраст. Неговите последни зборови, упатени кон болничарката што му ги одзела моливите и хартијата за цртање, биле - „Ве преколнувам, оставете ме да работам!“.