Јапонската новогодишна супа што е опасна по живот

Јапонците со радост ја дочекуваат Новата година со различни адети, меѓу кои и подготовка на посебно јадење, наречено озони. Во него има едно вкусно оризово тесто чие тегнење треба да симболизира долг живот. Иронично, ама тоа често предизвикува гушење, особено кај постари луѓе. 

Дочекувањето на првото изгресонце, купување „фукубукуро“ или среќни торби (некој вид лотарија, при што во некои торби има предмети со поголема вредност од платената), посета на храмови, се некои од начините на кои Јапонците ја дочекуваат Новата година. Meѓу нив спаѓа и традицијата на подготовка на „озони“, јапонска новогодишна бистра супа со зеленчуци, во која има и „мочи“, колаче направено од оризово тесто. Мочи обично е благо и не се поврзува со супа, но во случајов неговото специфично „тегнење“ се смета за метафора на долг живот. 

Токму тука е и иронијата. Иако мочи по својот состав е релативно здрава храна, кога се става во топла течност станува по „лепливо“ и особено опасно ако се срка и голта во едно парче. Бројот на случаи на гушење со храна токму околу Нова година поради оваа супа е толку голем, што јапонските национални медиуми пред празникот емитуваат јавни соопштенија во кои се советува колачето да се сецка на парчиња и добро да се изџвака пред голтање. 

Во периодот од 2006-2016 биле регистрирани 800 смртни случаи предизвикани од озони, а околу 90% од жртвите биле на возраст од 65 и повеќе години. Сепак, внимание се препорачува и за најмалите, кои по градинките и училиштата секој јануари прават мочи, бидејќи колачињата знаат да бидат и многу убави за око, во разни бои и облици.

извор

15 јануари 2024 - 08:55