Поплаките и нападите биле толку бројни, што на крај Монтипајтоновци направиле модел-писмо, во кое се обиделе да го образложат нивниот концепт. Биле испратени илјадници вакви одговори на анти-фановите, кои своите анатеми кон тимот претходно ги поднеле во писмена форма. Еве ја неговата тактична и британски учтива содржина во целост:
Почитуван ______ ,
Ви благодариме за Вашето писмо во однос на филмот „Монти Пајтоновиот живот на Брајан". Иако ја разбираме Вашата загриженост, би сакале да корегираме некои погрешни концепции кои би можеле да ги имате во врска со него, а кои веројатно се должат на фактот дека не сте имале шанса да го видите пред да ги формирате вашите ставови. Филмот се одвива во библиски времиња, но тој не е за Исус. Тоа е комедија, но би сакале да мислиме дека во него се отсликани сериозни гледишта, и дека кажува нешто за човечката природа. Тој не го исмева Исус, ниту пак го прикажува на начин кој може да навреди некого. Исто така вербата во Бога или во Исус не е тема со која се занимаваме во филмот.
Свесни сме дека одредени организации пласираа дезинформации во однос на овие поенти, и жал ни е што сте биле наведени на погрешен пат. Се надеваме дека ќе го гледате филмот и дека ќе дојдете до сопствени заклучоци во врска со неговите доблести и маани. Во секој случај, се надеваме дека ќе Ви биде смешен.
Со најдобри желби,
Монти Пајтон