„Исповеди на плотта“ е незавршено истражување на темата сексуалност во раната христијанска мисла и практика, што требало да биде четврта книга серијата „Историја на сексуалноста“ на Фуко. Трите претходно објавени томови се однесуваа на сексуалноста вo модерниот период, од 17-20 век; на древна Грција; и на римскиот свет. Во нив тој се обидуваше, меѓу другото, да објасни како сексуалноста станала предмет на научни проучувања и тема на морални преокупации.
Идејата за објавување на новата книга, која остана недовршена заради смртта на aвторот во 1984, дошла по продажбата на неговата архива во 2013, која ја содржела и ракописната верзија на „Исповедите“, како и искуцан текст кој Фуко почнал да го корегира. Архивата беше откупена од Националната француска библиотека, а откако материјалот стана достапен за истражувачите, семејството на авторот одлучило да ги обелодени и за пошироката јавност. Анри-Пол Фрушо, внук на Фуко, изјавил дека Галимар претходно поседувал трет ракопис, но тој бил нецелосен и содржел голем број грешки.
Оние кои се надеваат дека новото дело ќе легне на современите дебати околу сексуалноста, можеби ќе се разочараат. Фуко во ниту едно од своите досегашни дела на оваа тема не тврдеше дека решението за нашите денешни проблеми е во минатото. Тој веројатно би бил и лут што книгата воопшто се објавува, бидејќи иако не оставил тестамент, во писмо напишано пред смртта забранува какво и да е објавување на негови незавршени дела, како и дека го остава својот стан и сè во него (вклучително и ракописите од оваа книга) на својот долгогодишен партнер, Даниел Дефер. Неговите наследници сепак сметаат дека користа од ваквиот чекор за јавноста ќе биде поголема од штетата што ќе му ја нанесат на нивниот роднина и пријател.