Извадок од книгата „Комичното и хуморот“ од Иван Џепароски (2024)
Никој не се смее сам. И за смеа се потребни двајца, ако не и повеќемина. Филозофот и нобеловец од областа на книжевноста Анри Луј Бергсон (Henri-Louis Bergson, 1859 – 1941) во своето дело „Смеата: есеј за значењето на комичното“ (Le Rire: essai sur la signification du comique, 1900) вели дека „не постои комично надвор од она што во вистинска смисла е човечко“ и дека „човек не може да ужива во смешното ако се почувствува осамен“.
Се чини дека на смеата ѝ треба одглас (...) нашата смеа е секогаш смеа на една група“. Овие ставови на Бергсон, секако, наоѓаат најнепосредна потврда во театарот, зашто комичното и комедијата најдобро функционираат и се најуспешни кога театарската сала е (пре)полна со публика, додека изведбите на трагедијата можат да бидат успешни и во ситуации на полупразни сали. Можеби затоа и проблемите во однос на постапното исчезнување на смеата кај нас треба да се гледаат повеќе во крајната индивидуализација која заговара осаменост и несподелување на заедничките чувства на радост и смеа. Се разбира, ова се однесува на изворната смеа и на комичното во секојдневниот живот. Прашањето, пак, за смеата во институционализираните уметнички форми како хумореската, сатирата, комедијата или карикатурата е поврзано со поинакви причини.
Во однос, пак, на ставовите дека хуморот понекогаш може да се сфати како прочистувач на човековиот дух, како одливен вентил за натрупаните проблеми кои честопати се клучниот аспект во развојот на една духовно здрава нација, би можело и да се проговори за состојбата на духот на македонската нација, од гледна точка на нејзиниот однос кон хуморот и кон сатирата.
На овој план добро е да си приспомнеме на прочуениот француски филозоф Жак Атали (Jacques Attali) кој раскажува за една реченица што ја прочитал во младоста и која постојано му била на ум, а ја зел како мото за својата прва книга. Таа е искажана во разговорот на славниот физичар Нилс Бор (Niels Henrik David Bohr) со еден млад студент по физика што дошол да побара совет за некоја научна работа. Реченицата гласи: „Господине, Вашата теза, всушност, е мошне интересна, но не е доволно будалеста за да има и најмала шанса да биде вистинита“. „Во денешниов свет“, вели Атали, „треба да знаеме дека стварноста е далеку побудалеста отколку што е тоа вообичаениот пат што води до мислата. Тој заклучок мораме да го изведеме од она што го доживеавме и искусивме во последно време“.
Всушност, ако се следи мислата на Атали би можело да се заклучи дека ние, овде, сме ремногу сериозни и ја немаме потребната лежерност која, меѓу другото, ѝ е потребна на една нација. Во тоа лежи и проблемот. Сериозни и загрижени сме речиси за сенешто. Во сериозноста на секојдневните настани, па дури и од најбанален вид, нè уверуваат и медиумите и политиката. Во ситуации во кои секое прашање, па дури и она за „ланскиот снег“ се претставува како да е од животен интерес, не може да се зборува за некакво духовно здравје на нацијата.
За жал, хуморот кај нас сè помалку е коректор на недостатоците на индивидуален или на колективен план. Тоа е така зашто клучните личности на нашата општествена стварност во еден долг период на транзиција се недопирливи во својата самоувереност и самозамисленост. Кај нив постои силна анестезираност во однос на хуморот и сатирата на која биле или се изложени. Тоа е нивниот modus vivendi, но тоа е, за жал, modus vivendi и на севкупната општествена и политичка стварност ширум светот.
Од друга страна, треба да се каже дека пародијата и сатирата се прекрасни книжевни форми, но кој чита денес пародии и сатири? Весникот „Остен“ веќе одамна не постои, а емисијата за „хумор и сатира“ на македонското радио, „Хихирику“, откако за малку не беше насилно укината, ги изживурка последните години од своето постоење и постапно згасна. „К-15“ веќе не постои, а и „Еднооки“ веќе не постојат. Единствено, за среќа, со години опстојува само „македонската ситуациска комедија со елементи на сатира и магичен реализам“ – серијалот „Преспав“, кој си има свои верни поддржувачи и своја верна публика. Се појавуваат на тв-програмите по потреба и некои квази-хумористични емисии, но нивното книжевно-уметничко рамниште (а за визуелното да не зборуваме) е мошне ниско! Медиумите нудат постојано други четива за замајување на читателите или на слушателите, додека ТВ-програмите кај нас на планот на формата се сè поблиску до радиото отколку до телевизијата – доминираат емисии со бескрајни разговори за „најважните“ прашања на „светот и пошироко“ низ призмата на нашето маало или „гаража“ од која се емитува програмата, а издавачите нудат или врвна литература (во помал обем) или бестселери (во поголем обем) кои по дефиниција не го содржат бараниот критички набој. Кај нас критиката и хуморот се во криза, зашто се сведуваат на критика или на хумор од тесни (главно партиски) позиции. Во театрите, пак, низ Македонија комедии сè помалку се изведуваат, а единствено „Театар Комедија“ од Скопје, со својата успешна програма и многубројна публика, претставува соодветна апологија (одбрана) на комичното и на хуморот.
Но, генерално земено, кај нас комичното и хуморот се во дефанзива. На прашањето кој би бил лекот, во контекст на хуморот и на сатирата, за из(в)лекување на македонската нација од ваквата состојба на апатија на духот, би можело да се каже дека лекот е во достапноста на лекот, како и во неговиот квалитет. Ако тој треба да се зема само со рецепт или како неквалитетна „замена“ за некој друг лек, тогаш ефектот ќе биде минимален. А само оние јавни личности или онаа општествена стварност кои можат да опстојат пред критичкиот наплив на потсмевот и на смеата вредат да опстанат и да останат здрави!
Наспроти сето ова, толку е поголемо уживањето кога ќе се прочита пародијата на еден Антон Павлович Чехов (1860 – 1904) од неговиот расказ „Ноќ пред судењето“, за кој со толку разбирање и почит говори Владимир Проп (Владимир Яковлевич Пропп,1895 – 1970) во својата постхумно објавена книга „Проблеми на комиката и на смеата“ (Проблемы комизма и смеха, 1976). Рецептот за смеа е сличен на рецептот што го нуди Чехов во својот расказ, кој во целина може да се смета за пародија, зашто рецептот го пишува човек што преноќува на една поштенска станица заедно со една убава, но болна жена, на која ѝ се претставува како лекар и ја прегледува. Рецептот што потем ѝ го пишува е следниот:
Rp.
Sic transit 0,05
Gloria mundi 1,0
Aqua destillatae 0,1
Секои два часа по две лажички
На Г-ѓа Сјелова, Д-р Зајцев
***
Книгата „Комичното и хуморот“ е трето остварување на Театар Комедија, во рамките на неговата благородна идеја за збогатување на својот библиотечен фонд и на книжната понуда со стручни и важни дела за театарската уметност на македонски јазик. Книгата е подарок од Театар Комедија и нема комерцијална вредност, а е достапна за слободно преземање тука.