Итало Калвино за абортусот и смислата на животот

Некако е логично дека најзагрижени околу стегањето на обрачот кога се во прашање репродуктивните права би биле жените. Но во текот на историјата на борбата за женските права ним им се придружиле и некои мажи. И тоа не само заради меѓуродова солидарност, туку како дел од нивниот светоглед.

Во писмо од фебруари 1975, Калвино одговара на статија на Клаудио Маргис (италијански писател и професор, и од 1994-1996 член на италијанскиот сенат) објавена во Кориере дела сера, во која Маргис ги нарекува оние кои се за абортусот „заблудени". Објавена во збирка кореспонденции на Калвино, „Писма 1941-1985", еве дел од неговата реакција:

„Да се донесе дете на овој свет има смисла само ако детето е сакано, свесно и слободно, од неговите родители. Доколку не е, тогаш тоа е едноставно животинско и криминално однесување. Човечкото суштество станува човек не само преку случајно преклопување на одредени биолошки услови, туку преку чин на волјата, и љубовта на другите луѓе. Доколку ова не е случај, тогаш човештвото станува - како што e и сега, во голема мерка - не повеќе од место каде се котат зајаци.

Само оние луѓе кои се стопроцентно убедени дека поседуваат морална и физичка способност не само да одгледаат дете, туку и да го пречекаат како добредојдено и сакано присуство, имаат право да се множат. Ако ова не е случај, тие прво треба да направат сè за да не зачнат, а ако зачнат (со оглед на тоа што маргината на непредвидливост продолжува да биде висока) абортусот не е само тажна неопходност, туку високо морална одлука која треба да се направи со целосна слобода на совеста. Не сфаќам како можете да го поврзувате абортусот со идејата на хедонизмот или добриот живот. Абортусот е страшна работа.

При абортус лицето кое е масакрирано, физички и морално, е жената. И за секој маж со совест секој абортус е морално измачување кое остава лузна, но секако тука судбината на жената е во толку непропорционален однос на неправичност со онаа на мажот што секој мажјак би требало да си го гризне јазикот три пати пред да коментира било што на оваа тема. Токму во моментот кога се обидуваме да ја направиме помалку варварска ситуацијата која за жените е навистина вознемирувачка, еден интелектуалец го користи неговиот авторитет за жените да останат во овој пекол. Дозволете ми да ви кажам, вие сте во најмала рака неодговорен! Не би ги исмејувал „хигиенско-превентивните мерки" толку многу како што тоа го правите вие: секако вие никогаш нема да минете низ тоа некој да ви ја гребе матката. Но би сакал да ви го видам лицето доколку ве натераат да направите операција среде ѓубре и без можност да одите во болница, заради закана од затвор.

Жал ми е што една ваква радикална разлика во мислењата за основни етички прашања го наруши нашето пријателство."

Итало Калвино

5 јуни 2013 - 09:21