Кога австрискиот слаткар Едуард Хас Трети ги измислил ПЕЗ, во 1920-тите, тој веќе поседувал успешен пекарски бизнис во Австрија кој го наследил од татка си. Едвард Хаас Втори ја оформил истоимената компанија во 1894, и продавал прашок за пециво измислен од неговиот татко, Едвард Хаас Први. Третиот во низата го презел управувањето со фирмата кога наполнил 18, и тогаш прв пат почнал да ги рекламира производите преку весници, како на пример претходно подготвената мешавина за колачи кои домаќинките требало само да ја замешаат со млеко или со вода.
Хаас Третиот бил голем противник на пушењето, и сакал да создаде „таблета“ која не само што ќе го освежи здивот туку ќе им помогне во одвикнувањето на оние кои тргнале по тој пат. Ова го пишува Шон Питерсон, историчар на компанијата која денес се нарекува ПЕЗ Кенди, во книгата „ПЕЗ: од австриски пронајдок до американска икона“.
За освежување на здивот најдобро било масло од пеперминт, но тоа било скапо и главно се користело во аптеки. Исто така пеперминтот ја губел својата арома поради методотот на подготовка на продуктите кои го содржеле, со варење. Хемичарите од компанијата Хаас развиле таков производен процес кој бил „студен“. ПЕЗ бонбоните биле правени со компресирање на бел шеќер и додавање состојки за вкус со нивно пресување во таблетата. Тие на почетокот не биле ставани во „диспенсери“ туку во метални кутивчиња или биле завиткувани во фолија.
За продажба на бонбоните било потребно интересно име, па Хаас ја зел првата, средната и последната буква од германскиот збор за пеперминт, pfefferminz и така ги создал ПЕЗ. Најпрвин главна целна група биле возрасните, а бонбоните се промовирале како освежувачи за уста, на пример пред бакнување. Биле најмувани згодни девојки во ПЕЗ униформи кои делеле бонбончиња на големи настани, а кои биле наречени ПЕЗ девојки.
Успехот бил толку голем што фабриките кои до тогаш правеле прашок за печење биле пренаменети за пеперминт. Механизирањето на производството во 1930-тите е она што ја одредила и нивната нова форма - правоаголни наместо тркалезни. Првите 20 години немало контејнери, но во доцните 1940-ти Хаас сфатил дека е потребен брз начин да се стави бонбоната во уста. Тој го најмил инженерот Оскар Укса да најде решение, и така во 1949 се појавиле првите ПЕЗ „хранилки“, на трговскиот саем во Виена. Првите изгледале повеќе како запалки, но идејата била да бидат тенки и да ги собира во џеб, а да може да се ракува со нив дури и во тек на возење.
Кога интересот од страна на пушачите се намалил, компанијата бргу се прешалтувала со менување на вкусот во овошен, и свртување кон децата. Првите диспенсери за деца биле во форма на робот и Дедо Мраз. Во 1956 се појавил и контејнер во форма на пиштол кој пукал овошни бонбони. Но тие се покажале скапи за долгорочно производство па биле напуштени.
ПЕЗ има дизајнирано околу 1400 различни фигури, а некои од нив се чуваат во Националниот музеј на американска историја, како на пример сетот Мапети. Оваа година е издаден нов дизајн со Мерлин Монро, како и „бебето Јода“ од Мандалоријан. Сите овие се посластица за колекционерите, а најстарите се продаваат по високи цени.