„Ипомнема“ или како човек да го запамти она што е навистина важно

Во години сме кога она „глупавиот памти, паметниот запишува“ го добива своето вистинско значење - многу се заборава, а нешто од тоа знае да биде важно, па дури и најважно. Додека расеаноста ни ги нагризува мислите, повеќе од кога и да е се потребни стратегии против заборав.  

Старите мислители го користеле латинскиот поим „стултиција“ (stultitia), за опис на состојбата на расеаност и постојано префрлање на вниманието од една работа на друга. Човекот лесно ги губи од вид важните работи затоа што е преплавен со секојдневни грижи, нови идеи и бескраен прилив на информации, велеле тие тогаш - некогаш. А кој знае што би рекле денес!

Во текст на оваа тема, авторите Хенрик и Јохана Карлсон велат дека не е доволно само да сме свесни за сопствената  расеаност. Ако некој сфати дека треба да биде потрпелив со своите блиски или дека треба да живее посмирено, тоа сознание само по себе не го менува неговото однесување. Промената бара време, вежбање и создавање нови навики. Како што учењето пијано бара постојана практика, така и добриот карактер се создава со повторување и свесен напор.

Во таа смисла тие потсетуваат на една интересна практика од античкиот свет кој може да инспирира наречена „ипомнемата“. Тоа биле лични тетратки во кои луѓето запишувале цитати, мисли и животни поуки (што би се рекло денес нотеси или дигитални 'ноутс') што ги сметале за важни. Секое утро ги прелистувале тие белешки и размислувале за идеите што им биле најпотребни во тој момент – за храброста, трпението, добрината или самодисциплината. Овој метод им го препорачувал и Платон на своите ученици во Академијата. 

Целта на оваа практика не била само човек да стекне знаење, туку постепено да го претвори тоа знаење во свој карактер. Со секојдневно потсетување и размислување, важните вистини станувале дел од неговото однесување и начин на живот.

Терминот „ипомнемата“ во современата теориска мисла го има актуелизирано францускиот филозоф Мишел Фуко, кој ги опишува овие алатки како „материјална меморија на нештата кои се прочитани, слушнати или помислени, нудејќи еден вид акумулирано богатство за препрочитување и подоцнежна медитација“.

25 јуни 2026 - 14:50