
Терминот „идиотски заплет“ (idiot plot) најверојатно потекнува од авторот на научна-фантастика Џејмс Блиш, а го популаризирал американскиот критичар Дејмон Најт уште во 1956 година. Вториов дури го проширува концептот и зборува за „идиотска приказна од втор ред“, каде што не се глупави само главните ликови — туку целото општество! Критичарот Роџер Еберт подоцна го внел терминот во популарната култура преку филмската критика.
Како функционира идиотската приказна? Најчесто, таа се базира на едноставно недоразбирање кое може да се реши со една реченица. Но сценариото тоа не го дозволува, бидејќи тогаш филмот/серијата/романот би завршил премногу брзо. На пример, во романтичните комедии чест е случајот двајца ликови да се караат или разделуваат поради сосема банално недоразбирање, кое на гледачот му е сосема јасно.
На пример, во класичниот филм Top Hat (1935, плакат горе), главниот заплет се базира на тоа што ликот на Џинџер Роџерс не знае како изгледа сопругот на нејзината најдобра пријателка — па го меша со Фред Астер. Сè би се решило со едно нормално прашање, но тогаш немаше да има филм.
Ако веќе ова е „идиотски“ наративен потег, тогаш зошто авторите користат вакви приказни? Една теорија вели дека во акционите филмови и во авантуристичките романи главниот лик мора да биде во опасност — а тоа е тешко ако околу него има компетентни луѓе кои можат да помогнат. Затоа, често херојот се изолира или се опкружува со неспособни, така за да биде важно само она што го прави тој.
Спомнатиот Роџер Еберт признава: идиотската приказна понекогаш може да биде шармантна, особено во лесни жанрови како музички комедии. Но кога станува збор за драма со ликови кои треба да имаат длабочина, такви заплети знаат да бидат фрустрирачки.