Итан Молик е професор на престижниот колеџ Вортон на Универзитетот Пенсилванија. И тој, како и голем број негови колеги, сфаќа дека во неговата професија има нов „играч“ - ChatGPT, односно вештачка интелигенција која креира такви есеи и одговори на прашања кои можеби не се за десетка, но се многу блиску до тоа.
Од обзнанувањето на ботот во ноември минатата година, наставниот кадар на сите нивоа на образование, а особено во високото, изразија загриженост дека тој може да потпомогне во лажирање на резултати. Цели општини во САД имаат забрането пристап до ботот, и тоа со добра причина - алатката која е бесплатна може да пишува поезија, да составува компјутерски кодови па дури и да напише магистерска по бизнис и администрација.
Но еден професор одлучува да фати друг пат. Спомнатиот Молик не само што им дозволува на студентите да ја користат програмата, туку тоа им е обврска. За прв пат тој формално вовел политика на користење вештачка интелигенција во својот курикулум. Тој предава претприемништво и иновации, и вели дека засега идејата функционира одлично. Со оглед на тоа дека студентите и онака би го користеле ботот, вака барем не мора да се кријат, а тој може и да ги насочи како најоптимално да ги изведат идеите за проекти кои им ги генерира машината.
Иако целата работа е на самиот почеток, јасно е дека професорите ќе мора да се прилагодат на новите времиња. Ставот на Молик е користењето на вештачката интелигенција да се третира како „вештина во развој“, која може да згреши, па оттаму студентите се обврзани да ги споредуваат резултатите со други извори и да детектираат можни пропусти.
Ова не е прв пат професор да се обиде да го стави ботот во некакви образовни рамки. На почетокот на месецов 22-годишен студент од Принстон, Едвард Тиан, создаде апикација GPTZero која детектира дали нешто е напишано од машина. Таа стана толку популарна што веднаш по лансирањето апликацијата се сруши.