И глувците зборуваат, зарем не?

Еден вид глувци пронајден во шумите на Централна Америка има музички репертоар од скоро 100 ноти. Но Scotinomys teguina, или „пеечкиот глушец“, не е импресивен само заради неговиот вокален опсег, туку и заради брзите дуети со други припадници од својот вид, кои личат на човечки муабет.

Обично глувците пеат во цртани филмови (се сеќавате на Алвин?), a во природата до сега бевме навикнати само да цивкаат или да испуштаат пискави звуци. Но машките „глувци-пејачи“ од Централна Америка за да привлечат женки испуштаат нешто што личи на птичјо црцорење, а влегуваат и во агресивна „вербална“ размена со други мажјаци.

Ова е активност која подразбира многу брза координација и комуникација помеѓу мозочните региони и употреба на различни мускули. За човекот е некако логично да се очекува дека би бил способен за ова и за многу повеќе, со оглед на тоа што неговиот мозок располага со 100 милијарди нервни клетки. Мозоците на глувците се многу поедноставни, но токму тоа е и одлична можност за разбирање на нашите.

Користејќи голем број невронаучни техники и експерименти, истражувачки тим од Њујоршкиот универзитет открил дека во мозокот на овој специфичен глушец постои регион кого го нарекле „орофацијален моторен кортекс“ (ОМС), кој исто така постои во човечкиот мозок. Во текст објавен вчера, 1.3, во списанието Science, тие изнесуваат интересни заклучоци за начинот на кои овие глувци „зборуваат“, и тоа во зависност од контекстот. Кога не се во компетитивна ситуација, односно кога тие се сместени во различни кутии и не можат да се видат туку само да се слушнат, едниот глушец „пее“ а потоа за помалку од секунда другиот му одговара. За разлика од голем број луѓе, тие НИКОГАШ не си упаѓаат во збор, освен кога се тепаат за партнерка, што некако и го оправдува моменталното отсуство на бон-тон.

Ќе ве поштедиме од тоа како научниците го дознале ова (сироти глувци...), но кога на експерименталните субјекти им бил деактивиран спомнатиот орофацијален моторен кортекс, тие се уште можеле да пеат но не и да учествуваат во разговор. Tука може да се крие тајната за тоа зошто еден од десетмина луѓе страдааат од проблеми во комуникацијата, без оглед дали причината е аутизам или траума од мозочен удар. И зошто некои не можат да престанат да зборуваат дури и кога соговорникот им дава јасни назнаки дека треба да го сторат тоа. 

Претходно: Неверојатното нешто што го правиме кога муабетиме

2 март 2019 - 11:16