Основната поделба која ја прават оние кои се занимаваат со темата на хронемиката е на монохронични (фиксирани) култури, во кои времето е линеарно и универзално, и на полихронични (прилагодливи) култури, во кои времето е циклично и релативно. Иако обете рамки можат да постојат и во иста култура, едната на формално (деловно), а другото на неформално, приватно ниво, двете често се прелеваат, па така се случува нашиот начин на водење бизнис и преговори (развлечено, лежерно и од аспект на оние монохроничните, дури и навредливо бавно), да се нарекува „балкански“ или „ориентален“.
Хронемиката се занимава и со времето како показател на статус. Шефот може среде ден да организира неочекуван состанок, но обратно, вработениот би морал да закаже состанок за да се сретне со шефот. Во некои култури состанокот може да биде закажан во 10:15 и сите да дојдат на време, во други времето може да е означено со општото „сабајле“, а средбата да се одржи кога сите ќе одлучат дека треба да се соберат, на пример пред 12.
Ваквите разлики влегуваат во стереотипните карактеристики на културите, но иако „стереотип“ звучи навредливо, тоа обезбедува и извесна предвидливост. Во монохроничните култури е нормално човек да се концентрира на една задача, роковите и распоредите се земаат за сериозно, постои грижа да не се вознемируваат другите, ретко се позајмува или се дава на заем, и постои навика за краткотрајни односи кои не одат во длабочина. Во полихроничните култури важи сè од ова: прават многу нешта одеднаш, не гледаат на прекините во работата како на нешто што треба да се одбегнува, не им е важен распоред и план туку повеќе да се оствари целта (кога и да е, и ако е можно), често ги менуваат плановите, не почитуваат приватност, зајмат и даваат на заем и поради потреба, но и како знак на поинтимен однос со другата страна. Познато, нели?
Сите овие разлики во хронемиката играат голема улога во начинот на којшто се води бизнис, во политички преговори и во тоа како се формираат лични врски и пријателства. Дури и во ова последново, манипулацијата со чувството на време на другиот е моќна алатка за сигнализирање доминација или подреденост. Сте биле некогаш оставени да чекате, и сте чекале? Сте биле прекинати во разговор или ви било дадено помалку време да го искажете вашето мислење? Истото важи и за контролата над работното и друго време - повисокото место во хиерархијата означува и поголема слобода за располагање со сопственото време, иако не мора да значи и помалку работа.
Со дигиталните технологии нештата дополнително се комплицираат, особено за полихроничните култури, поради притисокот за брзи реакции и донесување одлуки. Тоа создава тензија на очекувања и проток на допамин кој не е вообичаен во овие стереотипно бавни култури. И не само тоа, порака испратена во неработен ден, во необично време во текот на денот или ноќта и времето поминато до одговор, повторно сигнализираат некаков однос, почит, одговорност или недостаток од истата. Ова често не се строго дефинирани правила, а хронемичниот код на една култура (генерална, корпоративна или лична) е нешто што се гради и прилагодува на новите околности или на ситуации во кои мора да биде поинаква, поради очекувањата на другата, доминантна страна.