Холандски издавач објави дека ќе користи ВИ за превод на комерцијална проза

Како што тргнала работата, да се студира странски јазик за човек да работи како преведувач, навистина не изгледа како добар долгорочен план. Ако денес ВИ преведува доволно добро „комерцијална проза“ (демек полесна литература), за колку време ќе може да ги долови суптилните нијанси на поезијата?

И покрај сета скепса и јанѕа кон машинското преведување, мора, со рака на екран наместо на срце, да признаеме дека тоа станува сè подобро и подобро, дури и кога е во прашање македонскиот јазик. Но едно е да преведуваш мени во ресторан, а друго е литература. 

Холандскиот издавач Veen Bosch&Keuning објави дека ќе користи ВИ за превод на „ограничен број книги“ на англиски. Станува збор за најголемиот издавач во Холандија, кој беше купен на почетокот на оваа година од конгломератот Сајмон и Шустер. 

Комерцијалната директорка на компанијата изјави дека сето ова е на експериментална основа и дека станува збор за дела кои според нив не спаѓаат во уметничка книжевност. Авторите на делата биле прашани за одобрение, а секако ќе има и фаза на уредување. 

Фактот дека издавачот планира користење на АИ само за комерцијална фикција можеби звучи утешно, но истовремено претпоставува дека овие книги се напишани по некаква шема, дека не содржат креативни елементи, што пак е навредливо за авторите и читателите. 

Секако, на ова реагираат професионалните преведувачи, што со аргументи дека машинскиот превод може да е коректен но и „многу блед“, што од страв дека наскоро нивните работни места можат да бидат загрозени. „Да сум јас еден од авторите на оваа издавачка куќа, би бил многу загрижен околу тоа како машинските преводи ќе се одразат на моето дело и ќе влијаат на мојата репутација“, вели книжевен преведувач од холандски на англиски. Уште повеќе, што ВИ знае да произведе текстови кои се оценуваат како „културно несензитивни“. 

Сепак, некои сметаат дека машинскиот превод би можел да им помогне на писатели кои пишуваат на малцински јазици и чии дела во моментов не се преведувани ниту на англиски ниту на други странски јазици, едноставно затоа што процесот бара ресурси и финансии кои би биле драстично помали доколку во игра влезе ВИ.

Слушни претходно: „Верна и добра: душата на преведувачот“ (подкаст епизода од „Обични луѓе“)

11 ноември 2024 - 17:33