„Хилибили“ е навредлив термин за жител на изолираниот регион на Апалачките планини, нешто како „сељак“ или „симнат од планина“. Токму од овој крај е новиот кандидат за потпретседател на САД од таборот на Трамп, ЏД Венс, кој во 2016 објави мемоар под наслов „Хилбили елегија“ кој многу брзо се најде на бестселер листата на Њујорк Тајмс.
Сега, разбирливо, и книгата и филмот направен по неа на Рон Хауард доживуваат обновена популарност. На времето филмот ни значеше единствено поради тоа што Глен Клоуз за истиот доби и номинација за Оскар за споредна улога И номинација за Златна малина, и тоа во период од само неколку денови. Но сега на него гледаме со малку поинакви очи - во контекст на потеклото и животното искуство на човек кој многу лесно може да стане една од најважните политички фигури на САД.
Роден во Охајо во 1984, Џејмс Доналд Боуман, како што се викал тогаш (а во меѓувреме најмалку два пати го менувал името), имал тешко детство, обележано со сиромаштија, домашно насилство и зависноста на мајката. Тешки ретроактивни сцени на трауматичното растење се испреплетени со напорите на возрасниот Џеј-ди да добие платена практиканска позиција за да може да го заврши правниот факултет на Јеил.
Книгата има и поднаслов „Мемоар за семејство и култура во криза“, a излезе во јуни 2016, среде кампањата на Трамп за неговата прва кандидатура, после која победи станувајќи 45ти претседател на САД. Среде таа турбулентна атмосфера во која често се поентираше токму со тешкиот живот на (белата) работничката класа и споменатата криза од насловот, имаше и критичари кои велеа дека книгата (а подоцна и филмот) само ги засилуваат стереотипите за овој регион, поврзувајќи го со смрт и распаѓање. Една група интелектуалци и уметници дури и издаде зборник - одговор на книгата (кој исто така стана бестселер), нарекувајќи ја „длабоко погрешна“ и злоупотребена за политички поени.
Истото може да се повтори и сега, со тоа што зад Венс се и некои контроверзни изјави токму во 2016 и токму за човекот чиј заменик треба да стане - дека е „американски Хитлер“ и дилер на „културолошки хероин“. Но ветерот во меѓувреме го променил правецот, па сега тој е бранител на поранешниот претседател, инсистирајќи дека поразот од 2020 бил местенка, согласувајќи се со ставот дека политиката на САД за поддршка на Украина е погрешна, или како што тоа го кажа Бајден, е „клон“ на Трамп по голем број други прашања. Прибирањето средства за неговата кампања најпрвин одеше бавно, додека не доби 10 милиони долари донација од својот поранешен шеф, моќникот од Силициумската долина, Питер Тил. Дали сето ова, во комплет со книгата и филмот (а најмногу со неодамнешниот обид за атентат на Трамп), се добитната комбинација, останува да видиме.
Илина, Букбокс