Букбокс гледаше

„Хемингвеј и Гелхорн" (2012)

Клајв Овен и Никол Кидман во HBO филмот за еден од најпознатите книжевни парови во историјата, во режија на Филип Кауфман („Неподносливата леснотија на постоењето", „Хенри и Џун").

Марта Гелхорн била јака жена - една од славните воени дописници на 20. век, таа известувала од речиси сите големи воени конфликти кои се случувале (а се случувале) во текот на нејзината 60-годишна кариера: Шпанската граѓанска војна и други воени жаришта во Европа во Втората светска војна, Виетнам, Блискиот исток, Латинска Америка, Бурма. Преправена во медицинска сестра сведочела за инвазијата на сојузниците на Нормандија, а била и првата која влегла во логорот Дахау, веднаш по неговото ослободување. Помеѓу сите тие храбри потфати се вбројува и нејзиниот краток но бурен брак со Ернест Хемингвеј.

Филмот кој зборува за нивната неколкугодишна врска (од 1936. до 1945.) и покрај одличните актери е лимунадеста мелодрама во која има два добри момента: едниот се однесува на оригиналните снимки од Шпанската граѓанска војна во кои се вметнати ликовите на актерите (oвие сцени се или црно-бели или сепија, за да се разликуваат од останатиот дел од филмот), а вториот на сцените на секс меѓу нив (едната среде бомбардирање на Мадрид), кои според зборовите на актерите на 75-годишниот Кауфман му биле најважни на свет. Само што тие изгледа не соодветствуваат на реалниот сексуален апетит на еден од учесниците - вистинската Гелхорн изјавила дека никогаш не уживала во сексот, самопрогласувајќи се за „најлоша љубовница на петте континенти".

Хемингвеј, и покрај тоа што ја сметал за своја муза, ја откачил заради нејзините чести отсуства од дома. „Сакаш да бидеш воен дописник, или сопруга во мојот кревет?", ја прашува во еден момент, на што таа одговара со барање за развод. Услов за сите подоцнежни интервјуа ѝ бил да не ја прашуваат за „Папа". Исто како и нејзиниот поранешен сопруг, и таа се убива, само на 89. години, целосно слепа и болна од рак - но ова го нема во филмот.

„Хемингвеј и Гелхорн" всушност би требало да се вика обратно, бидејќи филмот е повеќе за неа отколку за него. Но ако е веќе така, ако сценаристите и режисерот сакале да ѝ оддадат почит на жената која не сакала да биде „фуснота во ничиј живот", тогаш не требало во првата третина од филмот да ја направат да изгледа ко мува без глава. Без вистинска тензија, преромантичен и со недоволно искористени славни актери во споредни улоги (Роберт Дувал) чии ликови една критичарка ги спореди со „оживеани статии од Википедија", ова е филм кој баш и не мора да го гледате, меѓу другото и затоа што трае 2,5 часа.

30 септември 2012 - 20:29