Четириесет и пет години Алекс Кароца води мала продавница за хармоники на Тајмс Сквер. И не само што ги продава, туку и шест денови во неделата ги поправа, и ги подучува помладите како да го прават тоа. Што би рекол Том Вејтс, тој го исполнува условот за да биде вистински џентлмен - знае да свири хармоника, ама не го прави тоа.
Продавницата има три дела - првиот е мала просторија преполна со хармоники, бандеони и мелодеони. Додека стандардната хармоника чини околу 450 долари, рачно направената е околу десет илјади. На вториот спрат Алекс и неговиот тим поправаат стари хармоники во работилница полна со „утроби" на сецирани инструменти, а третиот спрат е магацин. Од продавницата по цел ден се слуша музика, а низ неа минуваат муштерии од целиот свет. Еве едно филмче кое за него и неговиот занает кој изгледа дека за среќа не изумира, го направи Њујоркер.
А еве како се свири на овој инструмент, кога тој е во рацете на Галијано - францускиот виртуоз кој утре ќе настапи на Охридско лето. Ова е негова варијанта на „Либертанго" на Пјацола.