Кога ќе се каже „животна школа" обично се мисли на нешто што се учи вон институција, на поуки и мудрости стекнати емпириски, преку искуството. Како обид да се премости таа разлика помеѓу она што се учи и она што се живее, во 2008 е формирано едно поинакво училиште, кое ги користи уметноста и филозофијата за образование, но и за терапија.
„Училиште на животот" е всушност организација која нуди бројни програми и услуги за кои тврди дека помагаат во постигнување спокојство, разбирање на светот и генерално станување подобар човек. Сето тоа преку упатување на различни идеи од областа на филозофијата, психологијата, книжевноста и визуелните уметности, кои се користат за терапевтски и образовни цели, од тоа како човек да се соочи со смртта, до како да си го излечи сопствениот перфекционизам.
Филозофот Алан де Ботон и поранешната кураторка во галеријата Тејт Модерн, Софи Хауарт, се основачи на училиштето, а работилниците и предавањата, кои се одвиваат навечер или за време на викенди, ги држат познати писатели, актери, професори и уметници. Во недела наутро се организираат и секуларни „проповеди", во кои јавни личности го искажуваат нивното мислење за тоа според кои вредности би требало да живееме денес.
Повеќето од понудените курсеви имаат врска со книги и читање - такви се „Библиотерапија" во чии рамки личен книжевен тренер ви помага да одберете што ќе прочитате следно, или „Храната како терапија" која нуди апликација која ви сугерира што да зготвите врз основа на тоа како се чувствувате во моментот. Курсевите можат да се следат во седиштето на организацијата во Лондон или во експозитурите низ светот, но можен е и договор за работење преку скајп или пo телефон.
Како илустрација на тоа како се обработуваат некои од „тешките“ теми, еве клипче за филозофијата на Хајдегер, објаснето преку готвење. После ова некако сè изгледа појасно - има денови кога чукалото те разнесува како двопек и те потсетува на кршливоста и привременоста на Битието. Има пак други денови кога тоа свинското ноџе баш фино мириса.