Пакувањето изгледа како нешто за деца - насмеано човече врз ќесичка од чипс или смоки. „Куаи Куаи“ е бренд тајвански грицки кои не само што се јадат, туку се смета и дека носат среќа, особено кога станува збор за технологија. Ќесички од нив се поставуваат околу битни машини во лаборатории, банки, дури и болници, за да се обезбеди дека тие нема да откажат.
Како дошло до тоа еден ваков индустриски производ да се здобие со речиси митски својства, во технолошки напредно општество, од каде потекнува најголемото количество полупроводници во светот?
Никој денес не е до крај сигурен кога и како зелените ќесички грицки Куаи Куаи станале амајлии. Компанијата била воспоставена во 1968 од Лиа Џинг Ганг и неговиот син Спенсер, тим кој требало да најде начин да си го одржи главниот бизнис, увоз на фармацевтски производи, па во периодите кога тој баш не им одел, почнале со производство на грицки и слатки.
Куаи Куаи биле специфично наменети за деца, а во тоа време немало ништо слично на пазарот. Името означува „биди добар“ или „однесувај се како што треба“ и на мандарински и на тајвански.
Ова му фатило око на еден студент по компјутерски науки, кој работел на дипломската и многу се нервирал, затоа што компјутерот цело време му се кочел. Легендата вели дека добил идеја дека ова може да се одбегне ако крај него остави ќесичка од грицките.
Секако, ова се надоврзува на генералното верување во амајлии во тајванското општество. Грицките задоволувале неколку симболички услови: асоцирале на нешто добро, зелената боја на некаков почеток или отворен пат, плус ќесичките ги имало насекаде и не биле скапи. Наводно откако го сторил ова, студентот веќе немал проблеми со компјутерот.
Компанијата вели дека не ги промовирала ваквите наводни својства на својот производ, но секако популарноста годела - по некое време ќесички биле оставани крај фотокопир машини па дури и крај апарати за респирација по болниците. Тие можат да се најдат дури и крај радио антени, а таму ги оставаат самите инженери одговорни за предавателот. Тие сметаат дека онаа наредба „биди добар“ (или послушај ме, потчини се) ќе им направи впечаток и на апаратите.
Сепак, и при ова има некои правила. Грицките ги има и во две други бои, жолта за зачинети и црвени за чоколадирани, но сите знаат дека само зелените вршат работа. Исто така тие не можат да се користат по истекот на рокот испишан на нив, па најчесто се заменуваат два пати годишно, некаде околу февруари (лунарна Нова година) и во текот на Фестивалот на духови во јули. Исто така ќесичките треба да бидат полни, односно неотворени.
Куаи Куаи може да се најде дури и на Академија Синика, главниот тајвански истражувачки институт (нешто ко наша МАНУ). Според етнолозите овој тренд го рефлектира стравот од технологијата како невидлива и тешко припитомлива сила, како и колективната психологија на „ако сите го прават мора да функционира“.