
Иако делуваат како модерна измислица, „грепките“ постојат половина век. Концептот бил развиен од американските компјутерски научници Џон Коза и Даниел Боуер во 1974. На почетокот на 1970-тите, Коза работел за компанија која печатела бинго картички за американските гранапи. Неговата работа била да дизајнира компјутерски алгоритми кои би биле фер кон играчите, односно со секој купен лоз да следува каква-таква добивка.
Откако добил отказ во 1972, Коза сфатил дека концептот кој го користел може да се примени и за нов тип лотарија. Тој и неговиот поранешен колега, Боуер, ја основале корпорацијата Научни игри (Scientific Games Corporation). Наскоро, почнале да ја презентираат својата идеја за грепки на државните лотарии низ САД.
Проблемот бил што во некои држави вакви лозови веќе постоеле, само не со гребење. Кога Коза ја претставил својата идеја во државната лотарија на Масачусестс, таму му рекле дека отфрлиле 20 прототипи и веќе се одлучиле за финалниот дизајн кој бил отпечатен во 25 милиони примероци и чекал дистрибуција од магацините.
Опсесивец каков што бил, Коза земал 50 примероци со него и побарал една недела време за да им покаже дека лозовите не ги бива. Кога се вратил им покажал неколку начини на кои добивката може да се лажира - на пример со внимателно отстранување на хартивчето што ја крие информацијата и негово повторно лепење; со лекарски апарат кој се викал цистоскоп кој имал мала леќа на крајот на тенко цевче (кое можело да се протне под хартивчето), но и со тоа што со обичен допир ќе се анализира хартијата на којашто биле нанесени бројките, со печатари кои функционирале како машини за куцање што оставаат трага.
Од државната лотарија останале без зборови и нерадо сепак се откажале од веќе изработените лозови. Онаа во Масачусетс така станала првата државна лотарија што ги вклучила грепките и со тоа предизвикала револуција. „Тендерот“ го добила токму компанијата на Коза.
Но тој и неговиот партнер најпрвин морале да надминат две големи пречки. Прво, во соработка со законодавците да обезбедат такви федерални регулативи според кои играчите ќе имаат шанса за добивка, односно дека сето ова нема да биде една голема измама. Второто било технички сложено - да направат таква грепка која нема да може да се копира и лажира. Така бил развиен таен рецепт за облога (онаа што сега личи на железни струготини), кој го прави лажирањето речиси невозможно.
Грепките станале инстантен хит и на почетокот носеле три пати поголем приход отколку традиционалните лото-ливчиња. Една од атрактивните одлики бил и нивниот дизајн. Така, њујоршката лотарија на своите ги претставувала главните туристички локации. Освен тоа, околу грепките почнала да се создава една цела супкултура на локални „гребачи“ кои се собирале во пиљарите и маалските маркети и со пијачка и муабет секојдневно си ја пробувале среќата. Некои од нив и забегувале, па знаеле да ја потрошат целата неделна плата на грепки. Ова покажало дека тие воопшто не се наивни и дека иако станува збор за помали суми се сепак - коцкање.
Подкаст епизода на оваа тема со изјави на авторот на првата скреч-картичка тука