Студија спроведена од невладина организација „Книшки игри“, чија цел е да влијае врз свеста на граѓаните за општествени прашања преку литература, истражила 1,552 наслова објавени во Грција во последните децет години, кои се однесуваат на деца на возраст од 4-12.
Резултатот е дека 63,3% од книгите кои биле испитани содржат ликови кои се бели и без хендикеп. Поспецифично, само 1% (или 16 книги) содржат лик со хендикеп, 0,79% (12 книги) содржат лик кој е опишан како мигрант или бегалец а уште помалку (11 книги или 0,72% од примерокот) содржат ликови кои се црни, со азиско потекло или од малцинска етничка група.
Она што е уште повпечатливо според истражувачите е што ниту една книга не вклучува лик од ромската етничка група, иако се смета дека таа според Европската комисија сочинува 2,5% од целото население, што е околу 265,000 луѓе. Не е прецизирано дали истражувањето забележало и отсуство на други етнички групи кои живеат во Грција, како Македонците.
Уште еден интересен податок е дека книгите станале поинклузивни во текот на спомнатиот период, со појава на книгите кои вклучуваат мигранти и бегалци по 2017, две години по кулминацијата на бегалската криза во Грција.
Анкета спроведена со 13 издавачи, пак, покажала дека само 30% од нив веруваат дека има недостаток на социјален и расен диверзитет во грчката литература за деца. Од нив 30% изјавиле дека ова потекнува од недостаток на вакви содржини од авторите.
„Книгите играат значајна улога и дејствуваат како огледала за децата: приказните и ликовите влијаат на тоа како тие се гледаат себеси и светот околу нив, врз нивните мотиви да станат писатели или илустратори во иднина. Ваквото небалансирано претставување на различните општествени групи ги искривоколчува нивните претстави“, изјавила Фотини Константопулу, раководител на спомната невладина организација.