* текстот содржи спојлери
За сите кои како мали сакале да бидат астронаути, или мечтале за продолжен викенд на Големата Мечка, ова е најблиску што можат да стигнат до остварувањето на сонот. Саат и пол престој во вселената во гравитациски стабилно седиште и без висински подготовки, набљудувајќи сцени кои во филмска смисла се единствено споредливи со Кјубриковата „2001: Одисеја во вселената". Само што овој е снимен во 2013 а не во 1968, синтетизирајќи ја во себе сета технологија која во меѓувреме е измислена за да ни долови тешко доловливи искуства. Престојот во бестежински простор, и можноста да се гледа изгрејсоцнето над Ганг од божествена висина се уште е едно од нив.
Приказната оди отприлика вака, и ако ја знаете пред да го видите нема многу да ви смени: почетник во вселенските патувања, био-медицинскиот инженер д-р Рајан Стоун (Сандра Булок) и ветеранот Мат Ковалски (Џорџ Клуни) кому ова треба да му биде последно патување пред пензија, доживуваат нешто што во земски термини би се нарекло „бродолом". Руски ракетен удар врз нивен неактивен сателит (пак Русите криви) предизвикува бура од парчиња метал која патува кон нивниот шатл, додека тие го поправаат телескопот Хабл. Во еден момент летечкиот отпад удира во шатлот, ги убива сите членови на екипажот освен Стоун и Ковалски, кои успеваат да го најдат патот до Меѓународната вселенска станица. Клуни, кој цело време се однесува како вселенски каубоец, трудејќи се да ја опушти атмосферата со сто пати раскажани анегдоти од неговите претходни мисии, се жртвува за инаку прилично смотаната и недоволно обучена колешка, откачувајќи го појасот со кој е врзан за неа за да ѝ ги зголеми шансите да се спаси. Од тој момент д-р Стоун е препуштена самата на себе, и на прашањата за смислата на напорот да се преживее, кога сè што гледаш околу тебе е амбис, кој хипнотички се загледува во тебе, привлекувајќи те со својата спокојност.
Накратко, таа се спасува. Последните сцени се одвиваат на земјата, во некакво езеро во кое атерира нејзината капсула. Избегнувајќи ја ултимативната иронија после сите перипетии да се удави во обична бара, на нестабилни нозе но сепак цврсто на тлото, таа излегува од водата и го прави првиот чекор, оној мал за човештвото, а голем за неа.
Мило ми е што овој пат не гледав филм во кој има физика, математика и астрономија со некој прилично упатен во овие области до мене, како што ми се случи на Пи на Аронофски, кога пола филм мојот придружник фрчеше и п’фкаше, расипувајќи го доживувањето. Велат и во овој имало пропусти од стручен тип - во реалниот живот на пример не би било можно по курсот од филмот да се стигне од Хабл до Меѓународната вселенска станица. Од друга страна стварно да ти било можно да се движиш забрзано низ бестежинскиот простор користејќи - противпожарен апарат!
Но овие детали им се можеби битни на научните гикови. Нам, на „обичните", може да ни се види непотребно или лошо изработено нешто друго - сценариото, кое на моменти е премногу холивудски шаблонизирано и му ја одзема на филмот заслужената совршеност во кинематографска, па и во актерска смисла. Приказната на докторката, која ја загубила ќерката во глупа несреќа кога таа имала четири години, и која е клучна за таа на крај сепак да не се откаже туку да ја вложи последната сила за да преживее (убедена во тоа од духот на Клуни), е непотребна мелодрамаматизација, која изгледа како чукање на нашата веќе отворена емоционална врата. Добро де, и така сме потресени, не мора сега да замислуваме и мртво девојче со замрсена коса и загубено црвено чевличе. Премногу е.
Во текст објавен во Слејт, под наслов „Што требаше да научи 'Гравитација' од 'Елиен'" наидовме на интересен детал - дека и во Елиен бил планиран таков срцекршачки момент мајка-ќерка, кој Сигурни Вивер многу го бендисувала, но кој отпаднал при последната монтажа и сега може да се види само во верзијата од 2,5 часа. Камерон решил, и добро сторил, дека ова непотребно ќе ја разводни главната нарација. Алфонсо Куарон, режисерот на „Гравитација", кој со син му е автор и на сценариото, веројатно бил преобземен со другите елементи на неговиот филм, за да му биде толку важен овој. И штета, ама па и не. Затоа што пак од киното излегувате замаени како тукушто да ве извадиле од вселенска капсула.
До сега не сретнав филозофско читање на филмот, а тој некако си „повлеквит" и такви толкувања. Не мора да си 327 милји над Земјата за да се чувствуваш сосема сам, препуштен на милост и немилост на силите врз кои немаш контрола. Гравитацијата, привлечноста на земјата, и кога е под нас и кога на крај сме во неа, е една од нив. Исто како и привлечноста кон другите тела, во нашата вселена.