Риеко Хиросава е една од ретките жени кои денес ја продолжуваат неколкувековната традиција на слепи пејачки во Јапонија. За нив немаат слушнато и голем број Јапонци, што е необично за земја која вложува големи напори за промоција и одржување на своето културно наследство.
Сепак, општествените околности се различни од пред неколку векови, кога девојки од сиромашните селски региони со нарушен вид како резултат на сипаници и катаракта, кои тогаш биле вообичаени, имале само два начина за преживување - како масерки или како патувачки музичарки.
Нивната „кариера“ почнувала со чиракување кај поискусна музичарка - „гозе“, која ги пренесувала песните усно и подучувала свирење на традиционалниот жичан инструмент шамисен.
Поризичниот дел било патувањето - три или четири музичарки, раководени од жена која не била слепа, минувале и по 300 денови годишно одејќи од едно село до друго, главно на северо-запад, во Нагано и Нигата. Често ги носеле инструментите низ планински превои и длабок снег, секоја со рака на рамото на жената пред нив. Биле плаќани во ориз кои потоа го разменувале за готовина. Имало и верување дека „гозе“ имаат магиски моќи, па оризот купен од нив се сметало дека носи среќа, особено ако се дава на деца, на кои потоа се пренесувала силната волја на музичарките.
За последна вистинска гозе се смета Хару Кобајаши, која ослепела кога имала само три месеци. Родена во 1900-тата таа го поминала детството заклучена дома, за да не го срамоти семејството со својот хендикеп. Но кога почнала со свирење станала национално богатство, а во 1978 добила и орден од државата. Хиросава всушност и се инспирирала од нејзината приказна - се запознала со Кобајаши кога оваа имала 101 година (починала на 105). Кога ја слушнала како и на таа одмината возраст пее, почнала да плаче и не ја заборавила оваа средба. Сега самата свири на настани низ цела Јапонија (можете да ја слушнете тука), а со неа е постојано нејзиниот пес-водич Софија.